Талибанците ја слават втората годишнина од воспоставувањето на власта

Сподели со своите пријатели

Талибанската влада во Авганистан во вторник ја слави втората годишнина од преземањето на власта во земјата, државен празник.

Loading...

„Заземањето на Кабул уште еднаш покажа дека никој не може да ја контролира гордата авганистанска нација и дека на ниту еден напаѓач нема да му биде дозволено да ги загрози независноста и слободата на земјата“, објавија талибанските власти во вторникот.

Црно-белите знамиња на Исламскиот Емират Авганистан, името што ѝ го дадоа на земјата нејзините нови владетели, се веат на безбедносните контролни пунктови во главниот град, кои паднаа во рацете на талибанците на 15 август 2021 година, кога владата поддржана од САД падна, а неговите водачи отидоа во егзил.

Улиците на главниот град во вторник наутро се уште се многу мирни, пишува агенцијата Франс прес.

„Денес е среќен ден, тоа е датумот на крајот на окупацијата на нашата земја“, изјави за АФП студентот по медицина Мортаза Каири (21).

Сепак, студиите се невозможни за девојчињата кои веќе немаат пристап до универзитетите.

Во последните две години, талибанските власти го наметнаа своето строго толкување на исламот во земјата, а жените беа тешко погодени од законите опишани од Обединетите нации како „родов апартхејд“.

Ограничувањата на правата на жените – кои се исклучени од јавниот живот, како и пристапот до вработување и образование – се главна пречка во преговорите за признавање на владата од меѓународната заедница и помошта што таа би можела да ја обезбеди.

Loading...

Група експерти на ОН во понеделникот ги осудија неисполнетите ветувања на талибанските власти за воспоставување пофлексибилен режим од оној што беше на сила за време на нивното прво доаѓање на власт, од 1996 до 2001 година.

„И покрај уверувањата на де факто талибанските власти дека сите ограничувања, особено во однос на пристапот до образованието, ќе бидат привремени, фактите на теренот покажаа постоење на забрзан, систематски и сеопфатен систем на сегрегација, маргинализација и прогон, се вели во соопштението на експерти на ОН.