Тајван бара од Кина да престане со заплашувањето

Сподели со своите пријатели

Министерството за надворешни работи на Тајван денеска ја осуди кинеската одлука за продолжување на воените маневри, велејќи дека „Пекинг сè уште намерно предизвикува криза и континуирано провоцира“.

Loading...

„Соочен со кинеското воено заплашување, Тајван ниту ќе се плаши ниту ќе се откаже. Бараме кинеската влада веднаш да престане со военото заплашување“, се вели во соопштението на владиното Министерство за надворешни работи во Тајпеј, пренесува Ројтерс.

Кинеската армија денеска, еден ден по завршувањето на големите воени вежби со употреба на боева муниција околу Тајван, објави дека започнува нови маневри на морето и небото околу тој остров.

Источната борбена команда на Народноослободителната војска на Кина објави на социјалната мрежа Веибо дека ќе вежба да изведува напади против подморници и напади по море, објави претходно Ројтерс.

Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека Тајван е дел од Кина и дека Кина спроведува воени вежби „на своја територија“ на отворен, транспарентен и професионален начин.

Портпаролот на тоа министерство Ванг Венбин на прес-конференцијата изјави дека надлежните служби навремено и во согласност со меѓународното право дале изјави за тоа.

Сите информации поврзани со најновите случувања во Тајван можете да ги прочитате ТУКА.