Глобалната побарувачка на јаглен би можела да достигне 8,0 милијарди тони во 2022 година, што одговара на историскиот максимум поставен во 2013 година и се очекува да продолжи да расте следната година, објави Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во ажурираниот извештај за пазарот на јаглен.
„Врз основа на тековните економски и пазарни трендови, глобалната потрошувачка на јаглен се предвидува да се зголеми за 0,7 отсто оваа година на 8,0 милијарди тони, под претпоставка дека кинеската економија ќе закрепне како што се очекува во втората половина на 2022 година“, се вели во извештајот на ИЕА објавен кон крајот на минатата недела.
Овој глобален вкупен износ, се додава, ќе одговара на годишниот рекорд поставен во 2013 година, а побарувачката за јаглен најверојатно ќе се зголеми следната година на ново највисоко ниво на сите времиња.
Според ИЕА, побарувачката е поттикната од зголемувањето на цените на природниот гас, што принудува многу земји да се префрлат од гас на јаглен и повторно да отворат затворени електрани на јаглен, пренесува денеска Раша.
Анализата проценува дека Кина, која е „одговорна за повеќе од половина од глобалната потрошувачка на јаглен“, ќе биде главниот двигател на растот на побарувачката во втората половина на 2022 година, откако забележа пад на побарувачката од 3,0 отсто во првата половина.
Побарувачката на јаглен во Индија, исто така, се предвидува да се зголеми поради економскиот раст на земјата и поголемата потрошувачка на електрична енергија, а ЕУ ќе придонесе за побарувачката бидејќи сè повеќе се свртува кон јаглен за производство на електрична енергија за да го замени гасот или да го зачува за зима поради намалениот увоз на рускиот гас.
ИЕА додава дека пазарот на јаглен ќе остане нестабилен во 2023 година, пред се поради стапувањето во сила на ембаргото за јаглен на ЕУ, поради што цените би можеле да продолжат да растат следната година.
„Бидејќи зголемувањето на цените на природниот гас го направи јагленот поконкурентен на многу пазари, ова ја зголеми побарувачката што за возврат предизвика меѓународните цени на јагленот да достигнат три највисоки нивоа на сите времиња помеѓу октомври 2021 и мај 2022 година“.
Санкциите и ембаргото на рускиот јаглен ги нарушија пазарите, а проблемите кај другите големи извозници на ова енергетско гориво придонесоа за недостиг на снабдување.
„Со оглед на тоа што другите производители на јаглен се соочуваат со ограничен капацитет да го надоместат руското производство, цените на фјучерсите на јаглен упатуваат на продолжување на тесните пазарни услови во наредната година и понатаму“, соопшти ИЕА.
Сите информации за економско-енергетската криза во светот можете да ги прочитате ТУКА.