Шведската централно-десничарска влада и екстремно десничарската партија Шведски демократи ја разгледуваат можноста за забрана на питачење низ целата земја.
„Ова е добро и апсолутно неопходно“, рече Линда Линдберг, лидер на шведските демократи на прес-конференција, пренесува Политико.
„Питачењето беше ретко во Шведска до почетокот на 2010-тите, кога многу граѓани на ЕУ дојдоа во Шведска од други земји да питачат“, тврди Линдберг, додавајќи дека феноменот доведе до посистематски и елаборирани злосторства.
„Според нас, не е разумно луѓето да патуваат на половина Европа за да питачат пред нашите продавници“, рече таа, додавајќи дека во Шведска и претходно постоеле забрани за питачење.
Забраната на питачење беше едно од првичните изборни ветувања на шведските демократи, кои заедно со трите владејачки десничарски партии во земјата освоија тенко мнозинство на националните избори во 2022 година, пренесува Танјуг.
Шведските демократи обезбедуваат надворешна поддршка на владата.
Беше назначено истражно тело да истражи како таквата забрана може да се спроведе легално, без да се прекршуваат меѓународните конвенции и човековите права, и од него се бара да ги претстави своите наоди пред шведскиот парламент на крајот на јуни 2025 година.
Некои членови на опозициската Либерална партија рекоа дека нема да гласаат за забраната.