Шведска ракета падна на територија на членка на НАТО

Сподели со своите пријатели

Норвешка го изрази своето незадоволство што Шведска не ја известила веднаш за нејзината истражувачка ракета што се урна во планините на далечниот север на Норвешка.

Loading...

Истражувачката ракета, која беше лансирана од Шведската вселенска корпорација во понеделникот наутро, не функционирала и паднала на територијата на соседна Норвешка.

Ракетата, лансирана од вселенскиот центар во Кируна, паднала на планина во општината Малселв на крајниот север на Норвешка, на околу 10 километри од најблиското населено место.

Во инцидентот нема повредени, а не е забележана материјална штета.

„Падот на ваква ракета е многу сериозен инцидент кој може да предизвика сериозна штета. Кога ќе се случи такво прекршување на границата, од клучно значење е одговорните веднаш да ги известат надлежните норвешки власти преку соодветни канали“, се вели во соопштението на норвешкото министерство.

Министерството укажа и дека потрагата по делови од ракетата не требало да започне без норвешко одобрение, кое не било дадено, пренесуваат агенциите.

Норвешката управа за цивилно воздухопловство соопшти дека дознала за инцидентот од соопштението за печатот на Шведската вселенска корпорација во понеделникот.

Ракетата вршела експерименти во нулта гравитација на височина од 250 километри.

Loading...

„Ракетата имаше малку подолга и западна траекторија од пресметаната и слета по летот 15 километри на територијата на Норвешка. Потрагата по делови е во тек“, се вели во соопштението на шведската вселенска корпорација во понеделникот, пренесува Танјуг.