Во текот на месец јануари, царинските службеници открија 4 илегални мигранти и повеќе обиди за криумчарење стока, при што се задржани моторцикл, делови за моторни возила, облека, женски чанти, обувки, статуетки, футроли за очила и цигари.
На Граничниот премин Табановце, царинските службеници запленија спортска облека и разна стока од футроли за очила до обувки и облека.
Како што информираат од Царинската управа, 139 парчиња спортска облека (шорцеви, маици, тренерки и дуксери), биле откриени при контрола на македонско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.
Возачот пријавил дека носи спортска опрема спакувана во 23 кутии, за која поседувал странска извозна декларација. Поради тоа што возилото не било соодветно за транспорт на царинска стока, бил извршен претовар во соодветно возило и воедно бил извршен детален преглед на стоката, при што биле пронајдени непријавените производи.
Истите биле привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Вкупно 200 футроли за очила, 11 готови текстилни производи, 3 пара чизми, 6 пара лежечки држачи за лагери, 6 сета карики, 1 комплет дихтунг за глава за мотор и 10 штрафови за глава за мотор, биле откриени од страна мобилните царински тимови, при контрола македонски камион, извршена во близина на царинскиот терминал Табановце.

Непријавените производи, како што велат од Царинската управа, биле пронајдени во кабината, позади возачкото седиште, и во просторот за палети.
Истите се привремено задржани, а против возачот, македонски државјанин, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Никола Ивановски