Шпанските региони ја повикаа шпанската Влада да воведе вонредна состојба, што ќе ја постави правната основа за воведување полициски час во борбата против пандемијата на Ковид-19.
Десет шпански региони ја повикаа Владата да прогласи вонредна состојба, што ќе им овозможи да воведат ограничувања на движењето на луѓето.
Регионите очекуваат владата да свика вонреден министерски совет утре за да ја одобри мерката, објавија шпанските медиуми.
Регионот Мадрид се противи на ова, што досега спречуваше одлуката да се донесе на национално ниво.
Шпанија има најголем број на коронавирусни инфекции меѓу западноевропските земји. Вкупниот број на заразени се искачи на 1.046.132 вчера, додека починаа близу 28.000 лица кои биле заразени со коронавирусот.
Каталонија вчера објави дека ќе воведе полициски час во целиот регион, вклучително и Барселона, веднаш штом централната власт преземе чекори. Потпретседателот Пере Арагонес рече дека е потребно да се воведе децентрализирана вонредна состојба во која каталонската влада ќе го задржи целиот управувачки капацитет, притоа предупредувајќи дека развојот на ситуацијата во пандемијата е загрижувачки и покрај сите напори.
Златко Шумковски