Шпанија доаѓа на чело на ЕУ: „Ќе работиме на враќање на индустријата“

Сподели со своите пријатели

Реиндустријализација, зелена транзиција, зајакнување на социјалната правда и единството во ЕУ се четирите приоритети на програмата на ротирачкото претседателство на Шпанија, кое од 1 јули го презема кормилото од Шведска.

Loading...

„Ќе ја промовираме реиндустријализацијата и дигитализацијата на Европа. Ќе направиме одлучувачки напредок во еколошката транзиција. Ќе ја направиме економијата попросперитетна, но и поправедна и ќе го зајакнеме европското единство со нови алатки и нови договори“, рече шпанскиот премиер Педро Санчез минатата недела во Мадрид, претставувајќи ја програмата на претседателството.

Владата на Санчез ќе го започне ова претседателство, но не е сигурно дека ќе го заврши со оглед на претстојните парламентарни избори.

Три недели по преземањето на претседателската функција, Шпанците ќе одат на вонредни парламентарни избори, а Санчез изјави дека овие избори нема да го нарушат претстојното претседателство.

Санчез ги распиша предвремените избори за 23 јули, откако неговата Социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) претрпе тежок пораз на локалните избори минатиот месец.

Ова е втора влада на Санчез, кој е премиер од 2018 година.

„Не е прв пат да се одржуваат избори за време на ротирачкото претседателство, имаше и промени на влади за време на претседателството“, рече Санчез.

Нов пакт за миграција и азил

Освен четирите приоритети, Санчез рече дека Шпанија до крајот на годината ќе се обиде да го заврши законодавниот процес за новиот пакт за миграција и азил, реформата на енергетскиот пазар, за новите фискални правила и да истрае во поддршката на Украина која се бори против руската агресија.

Loading...

Во својот говор на презентацијата на програмата на претседателството, Санчез истакна дека Шпанија е „длабоко проевропска земја“.

„Европа нѐ обедини како нација, која ги обединува сите наши граѓани од најмлади до најстари. Ни помогна да ја претвориме нашата земја во една од најпросперитетните и најнапредните земји во светот денес“, рече Санчез.

„Ние сме тоа што сме благодарение на Европа до одреден степен. Европа беше нашиот билет за модерноста и патот што водеше до демократијата во оваа земја. И затоа го преземаме ова ротирачко претседателство со Советот на ЕУ со двојно чувство. Првото е длабоко чувство на благодарност и друго длабоко чувство на одговорност“, истакна тој.

Реиндустријализација

Шпанското претседателство најавува дека ќе работи на привлекување нови компании во Европа во контекст на геополитичките, технолошките и еколошките промени, што го гледа како можност за намалување на прекумерната зависност на ЕУ од трети земји во области како што се енергијата, здравството, дигитална технологија, храна.

Санчез рече дека во последните четири години ЕУ може да ги види последиците од деиндустријализацијата, но и дека отвореноста на Европа во последните децении е главниот двигател на нејзиниот економски и социјален напредок.

„Емпириските докази ни кажуваат дека отвореноста кон светот ја направи Европа попродуктивна, иновативна, поконкурентна и донесе огромен број работни места и просперитет за сите граѓани во Европа. Сепак, би било наивно да се негира дека отвореноста имала и негативни последици, како што е недостатокот на заштитни маски за време на пандемија“, рече тој.

„Примарната негативна последица од отворањето е тоа што придонесе за делокализација, поради што изгубивме стратешки сектори и индустрија и станавме премногу зависни од трети земји во областа на енергетиката и здравството“, рече Санчез.

Тој посочува дека во контекст на огромните промени на кои сме сведоци, ЕУ може „ако ги направи вистинските работи во оваа деценија“, да стане репер, модел што ќе треба да се следи во производството на обновлива енергија, електролизери, услуги за дигитално поврзување, напредна роботика, во биоѓубрива и фармацевтски производи од најновата генерација.

Loading...

„Мислам дека Европската унија почнува да се појавува во очите на светот како безбедно, пријателско место кое ги има сите состојки да биде лидер во економијата на иднината“, вели шпанскиот премиер.

Зелена транзиција

Шпанската влада посочува дека транзицијата кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод е законска и морална обврска бидејќи сите страдаме од климатските промени.

Санчез вели дека транзицијата кон обновливи извори на енергија ќе донесе заштеда од 133 милијарди евра до 2030 година, кои инаку би биле потрошени за увоз на фосилни горива.

Санчез најави дека претседателството ќе се обиде да постигне договор за реформа на пазарот на електрична енергија, што ќе доведе до пониски цени за потрошувачите, дека ќе работи на брз напредок во усвојувањето на климатскиот пакет и ќе промовира мерки за намалување на отпадот и микропластика.

„ЕУ ќе го стори тоа за да може да продолжи да биде лидер во глобалната борба против климатските промени и ќе го направи тоа со создавање богатство и можности низ ЕУ“, рече Санчез.

Повеќе социјална правда

Третиот приоритет е зајакнување на социјалната правда за сите граѓани да имаат корист од богатството што се произведува.

„Нема да биде доволно за европскиот БДП да продолжи да расте. Ќе мораме да обезбедиме богатството што се создава да стигне до сите, до огромното мнозинство граѓани“, вели Санчез, нагласувајќи дека профитот на компаниите во изминатите децении не бил искористен да се намали нееднаквоста, да им се помогне на обичните луѓе на улица.

Во оваа насока, Санчез вели дека е неопходно да се спречат големите компании да избегнуваат да плаќаат правични даноци.

Loading...

„Како можеме да бараме од нашите граѓани да плаќаат даноци, ако многу мултинационални компании тоа не го прават. Мислам дека шпанското претседателство ќе си постави цел да стави крај на оваа неправда и ќе се обидеме да воспоставиме минимални стандарди за корпоративни даноци во сите земји членки, особено во дигиталниот сектор, ќе се бориме против даночното затајување и употребата на фиктивни компании“, рече Санчез.

Во рамките на овој приоритет, шпанското претседателство ќе се залага и да работи на реформи кои ќе ги прошират и зајакнат работничките права, ќе ја промовираат заштитата на ранливите групи и ќе се борат против насилството врз жените.

Зајакнување на единството и понатамошна интеграција во ЕУ

Шпанската влада најавува дека во следните шест месеци ќе работи на натамошно зајакнување на внатрешниот пазар, комплетирање на банкарската унија и унијата на пазарот на капитал, на подобро управување со процедурите за миграција и азил, како и на координирана поддршка за Украина и другите соседни земји.

„Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина и другите земји кои сакаат да влезат во ЕУ. Иако сме различни, имаме слични вредности, заеднички стремеж и затоа, повеќе од кога било досега, мора да продолжиме да одиме напред заедно“, рече Санчез.

Со шпанското претседателство започнува нова претседателска тројка во која влегуваат и Белгија која ќе претседава во првата половина и Унгарија во втората половина на следната година.

Триото дефинира долгорочни цели и подготвува заедничка програма со која се дефинираат темите и главните прашања со кои Советот ќе се занимава во период од 18 месеци.

Loading...

Врз основа на таа програма, сите три земји ги подготвуваат своите детални шестмесечни програми.

Ова е петто претседателство на Шпанија, која стана членка во 1986 година. За прв пат претседаваше во 1989 година, потоа во 1995, 2002 и 2010 година.

Во втората половина од оваа година, Шпанија ќе организира 21 неформален состанок на свое тло, секој од нив во различен град.

Во октомври во Гранада е планиран и состанок на шефови на држави или влади на ЕУ.