Меѓуизборите во САД се одржуваат две години по претседателските избори, на средината од четиригодишниот мандат на американскиот претседател.
Се избираат членови на двата дома на американскиот Конгрес, како и гувернери и локални власти.
Третина од местата во Сенатот на САД се на располагање, заедно со сите 435 места во Претставничкиот дом на САД.
Зошто и кога се одржуваат меѓуизбори во САД?
Годинава среднорочните избори се одржуваат на 8 ноември. Како и претседателските избори во САД, тие се одржуваат во првиот вторник во ноември, освен кога тој вторник се паѓа на првиот ден од месецот. Во тој случај гласањето се одложува за една недела.
Главната причина за нивното одржување е тоа што мандатите во Претставничкиот дом траат две години.
Мандатот во Сенатот трае шест години, па без разлика дали станува збор за претседателски или меѓуизбори, околу една третина од местата во Сенатот остануваат празни на секои две години.
Колку места во Претставничкиот дом и Сенатот се покриени?
Во игра се сите 435 места во Долниот дом на Конгресот, додека се избираат и 35 сенатори.
Секоја држава, без оглед на населението, добива две места во Сенатот, додека местата во Претставничкиот дом се распределуваат на државите врз основа на нивната големина.
Калифорнија, најнаселената држава, има 52 претставници во Претставничкиот дом, а Вајоминг, најмалку населената држава, има еден. Но, и двете држави имаат по двајца сенатори.
Кој моментално го контролира Конгресот?
Демократската партија во моментов има тесно мнозинство и во Претставничкиот дом и во Сенатот.
За да се донесе закон, потребно е одобрение од двата дома – така што контролата на Конгресот е клучна за усвојувањето на законите во САД.
Покрај донесувањето закони, Сенатот има задача да ги потврди предлозите на претседателот за највисоките судски позиции, кандидатите во кабинетот, како и да одобрува формални договори.
Ќе се најде ли името на Бајден на гласачкото ливче?
Иако името на Бајден нема да се најде на ниту едно гласачко ливче, неговите успеси и неуспеси во минатото може да влијаат на резултатите од изборите.
Меѓуизбори во САД се сметаат за еден вид референдум за работата на сегашниот претседател.
Постои многу конзистентен историски тренд дека на среднорочните избори партијата на актуелниот претседател речиси секогаш губи места во Претставничкиот дом, а често и во Сенатот.
Демократите се надеваат дека овојпат тоа нема да биде случај.
Која е улогата на Трамп на среднорочните избори?
Не е вообичаено поранешниот претседател да игра голема улога на среднорочните избори, но Трамп не е обична политичка фигура.
Трамп ги користи овие избори за да ја зајакне својата позиција за нова кандидатура на претседателските избори во 2024 година.
Што ќе се случи ако републиканците го преземат Конгресот?
Доколку републиканците го преземаа Конгресот, ќе дојде до прекин во комуникацијата со Белата куќа. Се верува дека републиканците ќе ги блокираат одлуките на администрацијата на Бајден.
Тие би можеле да ги забават, па дури и да ги запрат номинациите за Врховниот суд, да ги запрат истрагите за финансиите на Доналд Трамп и неговата улога во упадот на Капитол од страна на неговите поддржувачи.
Дополнително, ако контролата на законодавната гранка беше споделена, Републиканската партија ќе има право на вето врз секое потенцијално законодавство.