Се отстрануваат летните бавчи на угостителските објекти низ градот

Сподели со своите пријатели

Инспекциските служби при Општина Куманово изминатата недела започнаа со отстранување на дел од нелегално поставените маси и столови и изградба на летни бавчи на јавни прометни површини.

Како што информираа надлежните станува збор за угостителски објекти кои несовесно, без претходна документација и договор за закуп вршат узурпација на тротоари и други јавни површини со што предизвикуваат пречка за пешачење, но и за движење на сообраќајни возила.

Имаме прва интервенција, меѓутоа гледам дека не водат сметка стопанствениците, односно угостителите и понатаму е инвазија на градба. Вчера имавме уште две интервенции, мислам дека ќе бидат срушени уште две или три од тие кои не ги почитуваат стандардите за добивање на дозвола за поставување тенди, маси и столови, меѓутоа апелирам до совеста на граѓаните, бидејќи тоа се огромни материјални штети, да не презимаат ризик на своја рака и да градат без било каква дозвола – вели Зоран Дамјановски, градоначалник на Општина Куманово.

Како што потенцираше Дамјановски, локалната самоуправа е секогаш расположена да им излезе во пресрет на угостителите во поглед на издавање дозволи, но таму каде што за тоа има услови согласно сообраќајните решенија, за да не дојде до попречено одвивање на сообраќајот во градот.

Има комплетна инвазија на узурпација на јавно-прометни површини што дефинитивно им смета на граѓаните. Ние направивме интервенција на градскиот плоштад, направивме кај спортската сала, сега ќе направиме интервенција на позиција на Ексклузив бидејќи и таму има една узурпација и на тие некои места каде нама можност за решавање на статусот, таму каде има услови за решавање на статусот ќе ги уклопиме во можните скици за онаа површина за која е дзоволена, тие што се прекорачени ќе бидат срушени за тие делови кои не се дозволени – вели Дамјановски.

Инаку во изминатиот период инспекциските служби спроведоа и повеќе акции за отстранување на дивите пазарџии кои ги узурпираа тротоарите околу градскиот пазар.