Економиите на Велика Британија и еврозоната најверојатно ќе паднат во рецесија следната година, но САД би можеле едвај да избегаат благодарение на отпорниот пазар на трудот, објави инвестициската банка Морган Стенли.
Очекуваното повторно отворање на Кина по речиси три години задржување на Ковид 19 треба да резултира со закрепнување на нејзината економија, како и на другите азиски пазари во развој, проценуваат аналитичарите на инвестициската банка.
За 2023 година предвидуваат раст на глобалната економија од 2,2 отсто, што е под најновата проценка на Меѓународниот монетарен фонд за раст од 2,7 отсто.
За следната година, Морган Стенли предвидува поделба меѓу развиените економии „во рецесија или блиску до неа“, додека економиите во развој „скромно ќе закрепнат“.
Се проценува дека кинеската економија ќе порасне за пет отсто во следната година, над очекуваниот раст од 3,7 отсто за пазарите во развој, додека просечниот раст во групата 10 развиени земји се предвидува со стапка од само 0,3 отсто.
„Америка за влакно ќе ја избегне рецесијата“
Централните банки ширум светот годинава ги зголемија каматните стапки со цел да ја ограничат инфлацијата.
Морган Стенли проценува дека во САД, централната банка ФЕД ќе ги задржи високите стапки во 2023 година, бидејќи инфлацијата ќе остане висока, откако ќе го достигне врвот во четвртиот квартал од оваа година.
„Американската економија за малку ќе избегне рецесија во 2023 година, но приземјувањето поради значителното забавување на растот на вработеноста нема да биде толку меко, додека стапката на невработеност ќе продолжи да расте“, се вели во извештајот, кој предвидува раст на американскиот БДП од 0,5 проценти во следната година.
„Кумулативниот ефект од строгата монетарна политика во 2023 година ќе се прелее во 2024 година, што ќе резултира со две многу слаби години“, се додава.
На глобално ниво, врвот на инфлацијата треба да дојде во последниот квартал од оваа година, пишуваат аналитичарите, „со намалување на стапките на инфлација што ќе ја води приказната следната година“.
Сите информации за економско-енергетската криза во Македонија, регионот и светот можете да ги прочитате ТУКА.