Четворица американски војници загинаа за време на вежби во Литванија, соопшти денеска генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
„Додека го држев мојот говор, дојде вест за смртта на четворица американски војници во инцидент во Литванија“, изјави Руте за новинарите за време на посетата на Варшава, пренесе Ал Џезира.
Руте додаде дека се уште не ги знае деталите за инцидентот.
Американската амбасада во Вилнус претходно објави дека четворица американски војници исчезнале во вторник попладне и дека војската и полицијата на балтичката земја заедно со американската војска трагаат по нив.
Амбасадата на социјалната мрежа Х објави дека војниците исчезнале на полигонот во близина на Пабраде во источна Литванија, блиску до границата со Белорусија.
Соопштено е дека „војниците на пешадиската дивизија изведувале планирана тактичка обука во моментот на инцидентот“.