Румен Радев за МИА од поинаков агол – за пасиите, мечтите, летањето….

Сподели со своите пријатели

Пилот, нуркач, рокер, кој е претседателот на Република Бугарија Румен Радев. Војник од кариера кој пред да се пензионира беше на висока позија во армијата,  како генерал мајор беше командант на бугарските Воено-воздухопловни сили. Има посетувано и Колеџ за воздухопловни сили на армијата на САД во Монтгомери, Алабама. Во брак е со Десислава. Има две деца од првиот брак.

Во интервју за МИА, кое интегрално ќе го објавиме утре, Радев за македонската јавност открива и некои помалку познати факти за себе, за неговите пасии, за тоа какво е чувството да се биде пилот, а веќе да не се лета, за тоа што сака, а што му фали….

Вели дека летањето секогаш ќе му недостига. Откако станал претседател пилотирал само двапати-еднаш на покана на американските воено-воздухопловни сили, и тоа со легендарниот ловец „Ф-15“, а вториот пат на покана на претседателот на Франција, Емануел Макрон, кога пилотирал со француски ловец.

– За мене летањето не е само симбол на напредокот, ниту е истражување на границите на човечките можности, тоа е магија и тој што еднаш ќе биде освоен од таа магија таа му останува засекогаш во срцето. Летањето е љубов и убавина, начин повторно да се откриеш себеси одново и одново, вели претседателот Радев.

Запрашан која од функциите му се чини полесна – да се биде командант на бугарските воено-воздухопловните сили или да се биде претседател на Бугарија, Радев одговара дека и двете функции се многу важни и многу одговорни.

Многу е тешко, вели, да се усогласат семејните и државничките обврски, но важно е да постои љубов и разбирање и тогаш сите проблеми се решаваат.

На прашањето што се крие зад неговиот успех во кариерата, Радев вели дека за себе е малку да говори дали е успешен.

– Критериумите за успех се многу различни во различни сфери. Важно е да имаш внатрешно задоволство во тоа што го работиш и да го даваш максимумот од себеси. Тогаш постигнуваш задоволителни резултати.

Претседателот радев вели дека  за Македонија знае многу, дека многу учел за неа, но, за жал, првпат е тука.

-Тоа е многу пропуштено време и треба да го надоместам. Македонија е една прекрасна земја, со неверојатни луѓе, изјави бугарскиот претседател во интервјуто за МИА, изразувајќи надеж дека во иднина почесто ќе доаѓа. А, заврши со пораката дека и на претседателот Ѓорге Иванов му ветил дека летоов ќе се видат на Охридското езеро, кое за него претставувало една голема мечта./МИА

Leave a Reply