Центар за ран детски развој денеска свечено беше пуштен во употреба во подрачното Општинско основно училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во населбата Иго Тричковиќ, кој по три часа дневно можност за престој ќе пружи на стотина дечиња од предучилишна возраст.
На отварањето присуствуваше градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски заедно со министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска – Ременски, како и замник претставничката на УНИЦЕФ Ража Масефер Берада.
УНИЦЕФ донираше 900 илјади денари, а локалната самоуправа одвои 1,4 милиони за уредување на две училници за Центарот и една училница за потребите на училиштето. Од еден руиниран направивме убав простор за најмладите – вели Зоран Дамјановски, градоначалник на Општина Куманово.
Ова е единаесетти центар што се отвара со донација од Фондацијата Телеком за Македонија и поддршка од УНИЦЕФ и Општина Куманово.
Многу е важна грижата и посветеноста за потребите на најмладите. Отварањето на вакви капацитети на ран детски развој ќе обезбедат многу поголема грижа на децата меѓутоа ќе остават простор на родителите за нивните обврски – вели министерката Ташевска – Ременски.
Досега беа отворени десет центри за ран детски развој и тоа во Селце, Тетово; Јаргулица, Радовиш; Злеово, Радовиш; Десово, Долнени; Ратавица, Пробиштип; Центар Жупа, Центар Жупа; Дебереше, Гостивар; Шипковица, Тетово; Долно Лисиче, Аеродром и Радојца Новичиќ, Охрид.
фото: Сител