Проституцијата во Куманово „цутела“ и во почетокот на 20 век (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Ниту една сочувана архивска документација не говори за борделите и проституцијата која во 20 век била застапена во Куманово, но неа сепак ја имало. За историските податоци за „најстариот занает“ во кумановско пишува Димитар Масевски во неговото дело „Кумановска кафеана“.

Според податоците до кои дошол Масевски, тогашните бордели фунцкионирале во рамките на угостителските објекти, меѓу кои: кафеаната „Марс“ на Боривоје Поповиќ на улицата „Никола Спасиќ“ број 9, кафеаната „Цвеќе“ (Л’чкова кафеана) на ул. „Земунска“ на Петко Марковиќ, хотел „Скопје“ на Ѓорѓе Кузмановиќ и Бајрам Аџековиќ исто така лоцирани на улицата „Земунска“, потоа кафеаната „Нови Сад“ на ул „Цар Душан “ број 6, сопственост на Вуксан Михаиловиќ.

„Просториите за анимир дамите биле или на кат или пак во задниот дел од локалот каде што влезот бил одвоен од влезот во кафеаната, како што било случајот со кафеаната „Цвеќе“. При ова треба да се напомене дека улицата „Земунска“ во почетокот на четвртата деценија на минатиот век го менува своето име во ул „Никола Спасиќ“, по се изгледа поради изградбата на првата кумановска Градска болница од задолжбината на белградскиот трговец Никола Спасиќ“, пишува Масевски.

 

Loading...
Петко Марковиќ пред неговата кафеана „Цвеќе“

 

Одредени извори до кои дошол кумановскиот автор, посочуваат дека и хотелот „Гранд“ на улицата „Поенкарова“ (денешна „Ленинова“) во втората деценија од 20 век, пред влезот имал „Црвени фењери“ симбол на борделот, и многу интересни настани, а со оглед дека тогаш Куманово било мало место градските луѓе биле често гости на овој угостителски објект кој бил доста интересен.

Кои биле најчестите муштерии во борделите?

Борделите своите гости најмногу ги имале од луѓе кои во градот доаѓале од страна, по работа, а во Куманово бил стациониран и 22. пешадиски полк, па така и офицерите биле потенцијални муштерии.

„Од искажување на некои постари кумановци и хотелот и кафеаната „Брегалница“, меѓудругото биле и бордел. Објектот имал пет соби, со дами за разонода кои биле облечени во долги светликави фустани, пушеле лули и често седеле на масите пред кафеаната. Овој објект бил изграден за време на владеењето на Османлиите и во него живеело многубројно турско семејство, кое по заминувањето во Турција, ја продало и во 1919. година објектот го среќаваме како кафеана на Тома Стојановиќ“, пишува Масевски.

 

Хотел и кафеана „Брегалница“

 

Со објектот „Брегалница“ стопанисувал Љубомир Станковиќ и Милан Поповиќ се додека некаде пред Втората светска војна го купил Башинослецот Темелко Петковски, ја трансформирал во семејна куќа, за да подоца во приземјето неговиот син Страшко Коцевски започне со производство на слаткарски производи, при што, посебно биле познати некогвите бомбони и прочуениот локум.

 

Хотел „Гранд“

 

Според Масевски во фондот „Угостителска комора на Кумановска и Кратовска околија 1919-1948 година“ не се среќаваат конкретни податоци за овие бордели, нивната легалност и начинот на работа. Единствено се напоменува дека кафеаните, преку ден не можат да имаат музика и жени, додека во вечерните часови треба да имаат одобрение од полициските органи во градот.

„Кажуваат постарите кумановци дека дамите од борделите, на одреден временски интервал, со пајтон биле носени на преглед кај лекар. Од еден извештај на Војната во делот на ангажирањето на бугарската окупаторска власт за угостителството, се нагласува дека освен што ги укинаа „јавните кафеани“ сето друго остана исто, како и пред тоа, пишува авторот според раскажувањата на староседелците во градот.

 

Пајтонот за дамите пред борделот

 

Loading...

Веднаш по војната при затворањето на приватните кафеани во Куманово, било нагласено дека тие се затвораат поради нехигиена и цветање на проституцијата во кафеани, што на некој начин укажува на егзистирањето на најстариот занает во некои од нив, како инерција од претходните системи.

Информациите и цитатите се преземени од книгата „Кумановска кафеана“ од Димитар Масевски издадена во рамките на списанието „Корени“ со поддршка на Општина Куманово, а со цел зачувување на историските податоци за градот.

Leave a Reply