Препорака да се следат водостоите поради најавените поројни дождови

Сподели со своите пријатели

Во текот на денешниот ден под влијание на циклонска активност и влажна воздушна маса од запад се очекуваат врнежи од дожд кои најпрво ќе започнат од западните делови на земјата за потоа во попладневните и вечерните часови да преминат на исток и да ја покријат целата територија Република Македонија.

Водостоите на реките моментално се во границите на просечните вредности за овој период од годината, но во изминатиот период имаше повремени и слаби врнежи од дожд кои придонесоа за извесно зголемување на влажноста на почвата. Според прогнозата на синоптичарите се најавуваат количини на врнежи над 30 l/m 2 што дополнително ќе ја зголеми влажноста на земјата и ќе го подигне нивото како на подземните води така и на површинските речни текови.

Речните корита имаат простор за примање на водата но се очекува нивно полнење во текот на вечерните часови и утрешниот ден. Зголемување на водостојот ќе има на сите водотеци во земјава. Доколку на некои места врнежите бидат со поголем интензитет (според прогнозата на синоптичарите локално се очекуваат и околу 50 l/m 2 ) не е исклучена можноста за побрза реакција на малите речни сливови и суводолици. Исто така, во населените градски урбани средини каде поради неможноста за впивање на водата (асфалтираните улици и бетонот кои се непропусни) и на места каде има проблеми со атмосферската канализациона мрежа можно е брзо формирање на истекувањето.

Препорачуваме да се следи состојбата на сите оние места каде поради природни или вештачки причини има стеснување на напречниот пресек и намалување на пропусноста на реките како и на местата каде има градби во пониските делови од речните корита, велат од Секторот за хидрологија при УХМР.