Пред преполна сала во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ вчеравечер премиерно беше изведена претставата „За кого бијат камбаните“ на Театар Куманово.
Претставата е дел од програмата за одбележување на 75-годишнината од основањето на кумановскиот теата.
Станува збор за претстава по текст на Ернест Хемингвеј, а во режија на Мартин Кочовски.
Во неа игра целиот актерски тим на институцијата со млади актери како надворешни соработници: Александра Михајловска, Александра Пешевска, Антонио Димитриевски, Владо Дојчиноски, Горан Илиќ, Давид Илиќ, Дубравка Киселички, Жарко Јовановиќ, Јанка Лефкова, Кети Дончевска-Илиќ, Мирослав Петковиќ, Мишо Димитријевски Шипе, Нина Максимова и Чедомир Митевски.
Во фокусот на претставата „За кого бијат камбаните“ се наоѓа огромната обединувачка моќ на хуманоста и сочувството, но и големината и нескршливоста на човечкиот дух во безизлезни ситуации, а особено кога човек е исправен пред смртта.
Вредноста на човечкиот живот, линијата меѓу моралното и неморалното и смислата на постоењето која произлегува од љубовта се дел од темите кои ги отвора оваа претстава.
Моралот е субјективен и условен, а нештата се секогаш покомплексни од тоа што изгледаат на прв поглед. Линијата меѓу доброто и злото речиси никогаш не е јасна.
Она што е јасно е дека секоја војна е бесмислена, а цената која ја плаќа човекот е секогаш превисока.
Во војна не може да има ниту љубов, ниту победа без трагични загуби и очај. Во таа смисла, не може да има чувство на славна победа во битка, ниту чувство на триумф или задоволство дека доброто преовладува и злото е поразено.
Оваа претстава ни нуди увид во комплексноста и важноста на индивидуалното искуство. Во време на колективна апатија и општествена разединетост, кога меѓучовечката комуникација е на најниско можно ниво, не ни останува ништо друго освен да прибегнеме кон ваквиот хуманистички, односно индивидуалистички пристап, да ги разбереме човековите емоции и мисли, дилемите и донесените одлуки и само на тој начин да го гледаме поединецот и неговата потрага по лична смисла и цел.
Никола Ивановски