Свеченостите по повод одбележувањето на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“ ќе се одржат во Прилеп, Куманово и Скопје, на 11 октомври.
Содржините за одбележување на 78 годишнината од денот на народното востание на македонскиот народ против фашизмот и за македонска државност во Куманово ќе започнат со положување свежо цвеќе на Спомен – Костурницата.
Владината делегација во Куманово ќе ја предводи претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заменик претседателот во владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за образование и наука, Арбер Адеми и министерката без ресор, задолжена за странски инвестиции и Зорица Апостолска.
Покрај другите содржини, во рамките на свечената програма за одбележување на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“ во Куманово е предвидено и обраќање на премиерот Заев.
Освен премиерот Заев, на свеченоста ќе се обрати и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Во 12 часот на градскиот плоштад во Куманово ќе се организира тактичко-показна вежба на припадниците на Армијата, а воедно пред граѓаните ќе биде изложен дел од воената опрема на АРМ. Засега не е познато дали премиерот ќе присуствува на овој настан кој е од отворен тип за граѓаните.
Во вечерните часови, поточно од 20 часот во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ ќе се одржи промоцијата на преработката на песната „Јовка Кумановка“ од страна на дуото „Некст тајм“ во чест на празникот, но и во чест на 500-годишнината од ослободувањето на Куманово.
Паралелно во текот на целиот ден ќе се организираат турнири во пинг понг, тенис, атлетска и велосипедска трка, со што различни делови од градот утре ќе бидат блокирани за сообраќај во одредени периоди од денот.
Влезот за заинтересираните граѓани ќе биде слободен, но просторот е ограничен на 700 места колку што е капацитетот на големата сала на НУЦК „Трако Прокопиев“.