Повеќе од 60 милиони Американци веќе гласаа на претседателските избори во САД, а таквата рекордна стапка на гласање може да доведе до најголем одѕив на гласачите во последните сто години, покажуваат податоците на Американскиот изборен проект.
Како што пренесуваат странските агенции, толку голем број луѓе кои гласаа предвреме на изборите, што ќе се одржат на 3 ноември, е последниот знак за зголемен интерес за изборите, на кои граѓаните ќе бираат помеѓу актуелниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп и демократскиот кандидат Џо Бајден.
Според медиумите, тоа исто така покажува дека гласачите сакаат да го намалат ризикот од изложеност на коронавирусот, од кој досега починаа околу 225.000 луѓе низ САД.
Големиот број предвремени гласови доведоа до тоа дека професорот од Универзитетот во Флорида, Мајкл Мекдоналд, кој го предводи Американскиот изборен проект, предвиде рекордна излезност од околу 150 милиони, што е 65 отсто од вкупното гласачко тело.
Тоа би била највисоката стапка на излезност од 1908 година.
Пандорка Арсовска-Гацова