Петок и сабота во Куманово се резервирани за 12-то издание на Меѓународниот тамбурашки фестивал, на кој годинава учество ќе земат над 120 музичари од регионот.
Под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово, како и Министерството за култура и Фондацијата за култура и спорт Куманово и годинава граѓаните ќе уживаат во звуците на тамбурата под отворено небо на градскиот плоштад.
Во петок со почеток во 20:30 часот ќе започне првата фестивалска вечер која ќе ја отворат триото „Гранде плус“ и Бубо Каров од К-15 од Кавадарци. Потоа ќе настапат групата „Амадеус“ и Игор Васиљков, градскиот тамбурашки оркестар „Бранко Радичевиќ“ од Рума, Србија и тамбурашкиот оркестар на Зравко Ќосиќ од Бања Лука, како и Радмила Смиљаниќ од Република Српска.
Втората вечер со својот настап ќе ја отворат „Наши тамбураши“ и Нино Величковски од Куманово кои ќе настапат со Мартинијан Кириловски и Ивона Јовановиќ, за да потоа настапат „Шмартно“ од Литија и „Цирковце“ од Цирковце, Република Словенија.
Кумановски Муабети, како еден од медиумските покровители на настанот ќе се погрижи да ви ја пренесе одличната атмосфера на традиционалниот тамбурашки звук од двете фестифалски вечери.