Денеска, 30.10.2024 година, државниот секретар Сашо Петрушевски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев учествуваа во работата на 15-тата сесија на Работната група 4, Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) на тема „Предизвиците во борбата со финансискиот криминал: Важноста на ефикасните финансиски истраги“. Работната средба се одржа во Скопје, во организација на Националната конвенција на Европската унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).
Настанот започна со обраќање на професорката Милена Ѓуровска-национален координатор на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење во РС Македонија, која укажа на комплексноста на организираниот криминал, во чие битие се вклучени економските и финансиските трансакции. Во својот говор, посочи дека и покрај постигнатото ниво во борбата против организираниот криминал, неопходно е зајакнување на ефикасноста во справувањето со перењето пари, финансискиот криминал и поуспешна конфискација на имотот кој произлегува од криминалот.
Во продолжение на настанот со свое обраќање учествуваше државниот секретар Петрушевски, кој воедно е и ко-претседавач на работната група. Петрушевски го поздрави работниот форум кој треба да послужи како платформа за отворен и транспарентен дијалог за клучните прашања поврзани со нашите пристапни преговори со Европската унија. Во продолжение, анализирајќи ги оценките на Европската комисија за напредокот на државата во борбата против организираниот криминал, Петрушевски ги презентира напорите и законодавните новини во областа на финансиските истраги. Државниот секретар најави дека во владина процедура се наоѓа новата Стратегија за финансиска истраги и конфискација на имот за периодот 2024-2028 со акционен план, која деновиве ќе биде усвоена од Владата на РС Македонија. Новата стратегија се базира на длабока анализа и усогласување на националното законодавство со релевантните меѓународни стандарди и реални потреби на институциите вклучени во финансиска истрага и конфискација на имот. Во подготовка на оваа Стратегија се ангажирани повеќе од 10 национални институции што гарантира дека сите активности се правилно испланирани и осмислени. Воведното обраќање го заврши со констатацијата дека „со успешно спроведената конфискација на нелегално стекнатиот имот ќе покажеме колку една држава вистински е посветена во борбата против организираниот криминал и корупција. Не постои успех во сузбивањето на организираниот криминал ако од криминалците не се одземе неосновано стекнатиот имот и доколку државата со еден мултиинституционален пристап не им докаже на криминалците дека криминалот не е исплатлив, не зависно од богатството кој го создава.“
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев ја поздрави можноста да се продискутира околу предизвиците во борбата со финансискиот криминал во нашата држава од аспект на важноста на ефикасните финансиски истраги како и да се назначат конкретни стратешки насоки што во многу ќе придонесат во градењето на механизми за успешно институционално справување со финансискиот криминал. Во продолжение на обраќањето, директорот Јанев истакна дека „базичните стратешки точки во успешната борба или истраги по однос на најтешките или најсложени облици организиран криминал лежат во: квалитетната меѓуинституционална соработка, и тоа не само на национално ниво, туку и пошироко – билатерално и мултилатерална; потоа во соодветно континуирано стручно-професионално градење на човечките капацитети, со напоредно следење, размена и ползување на искуствата – практични и теоретски; како и во постојаното модернизирање и унапредување на техничко-технолошките перформанси без чија што практична инволвираност во оперативен поглед не може да се држи чекор со предизвиците на различните форми на финансиски незаконитости. Секако целта е повеќе од императивна а тоа е: зајакнување на организациско-техничките и човечки потенцијали на сите надлежни институции инволвирани во спречувањето и справувањето со конкретните облици на криминал. Се разбира не треба да се сметне од ум дека тие намери треба да бидат фундирани врз основа на сообразени нормативни принципи и стандарди, како рамки што ќе овозможат поголема оперативна ефикасност.
За Министерството за внатрешни работи, за неговите служби надлежни за справување со сериозните и организирани форми на организиран криминал, вклучително и финансискиот криминал, натамошното подобрување на ефикасноста и квалитетот на кривично – оперативните истражни постапки претставува примарна цел кон која постојано се стремиме. Дури би истакнале дека таа има своевидно стратешко значење, особено во контекст на времето во кое живееме, согласно динамиката и трансформирачките предизвици на организираниот криминал. Во крајна линија колку што сето тоа е важно за интензивирање на македонскиот пат кон полноправно членство во ЕУ, во иста мера е важно за воспоставување на владеењето на правото како врвен интерес на македонската држава и нејзините граѓани, градење на безбеден и сигурен општествен амбиент.
На крајот дозволете ми посакувајќи ви успешна работа, да го изразам своето оправдано очекување – дека овој денешен настан не само што ќе биде уште еден наш конкретен чекор поблиску до ЕУ, туку и дека ќе наметне квалитетни предлози и идеи што ќе можат да се преточат во значајни принципи за уште поуспешно спротивставување кон криминалот” -изјави директорот Јанев во обраќањето.
Настанот заврши со експертска анализа, дискусија и презентација на нацрт препораките на стручната јавност кои треба да послужат не само за исполнување на одредени надворешни критериуми, туку и за изградба на посилно, инклузивно и демократско општество.