Петнаесет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Сподели со своите пријатели

На денешен ден пред 15 години беше потпишан Охриднскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на воениот конфлик во Македонија од 2001 година, а договорот требапе да биде темел на меѓуетничкиот соживот во државата.

Преговорите кои претходно започнаа во Скопје, беа продолжени во Охрид, каде на 13 август во претседателската резиденција на Водно беше потпишан од тогашниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.

DOK-RamkovenDogovor-Potpisi

Loading...

Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.

Преговорите биле мошне напнати, бидејќи се одвивале паралелно со вооружени непријателства помеѓу двете страни. Во неколку наврати постоела можноста да се прекинат преговорите и конфликтот да ескалира во отворена граѓанска војна.

Во продолжение прочитајте што содржел Охридскиот рамковен договор, за кој и денес 15 години подоцна експертите сметаат дека не допринел многу за зближување на двата етникуми, туку дека повеќе е платформа за заштита на албанските права.

Содржина на договорот

Рамковниот договор целосно и безусловно ја отфрла употребата на насилството за остварување на политичките цели. Само мирни политички решенија можат да ја гарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Во тој контекст, Договорот предвидува целосен прекин на непријателствата, разоружување на етничките албански вооружени групи и нивно целосно распуштање.

Охридскиот договор потенцира дека развојот на локалната самоуправа е од најголемо значење за почитување на идентитетот на заедниците. Со Рамковниот договор се предвидува да се ревидира Законот за локална самоуправа со кој ќе се зајакнат овластувањата на избраните локални претставници и значително ќе се зголемат нивните надлежности во согласност со Уставот и Европската повелба за локална самоуправа.

Договорот предвидува целосно почитување на принципот на недискриминација и рамноправен правичен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија. Во Уставниот суд, една третина од судиите ќе се избираат од страна на Собранието, со мнозинство од вкупниот број на пратеници, припадници на заедниците. Истата постапка важи и за изборот на Народниот правобранител и на тројцата членови на Судскиот совет.

Новина е што на централно ниво, уставните амандмани и Законот за локална самоуправа нема да можат да се усвојат без квалификувано двотретинско мнозинство, при што ќе мора да има мнозинство од гласовите на пратениците што припаѓаат на заедниците. Истиот принцип важи и за донесување на закони што директно ги засегаат културата, употребата на јазикот, образованието, личните документи и употребата на симболи, како и законите за локално финансирање, локални избори, градот Скопје и за општинските граници.

Во однос на основното и средното образование, наставата ќе се изведува на мајчините јазици на учениците. Финансирање од страна на државата ќе се обезбеди за високо образование на јазиците на кои што зборуваат најмалку 20% од населението во Македонија. Низ цела Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик. Кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од населението, исто така е службен.

Во однос на симболите, Охридскиот договор предвидува непосредно до симболот на Македонија, локалните власти да може на предната страна од локалните јавни објекти да постават симболи со кои се обележува индентитетот на заедницата која е мнозинство.

Договорот е составен од три анекси:

  • анекс А за уставни амандмани,

  • анекс Б за измени во законодавството и

  • анекс Ц за имплементација и мерки за градење на доверба.

Во анексот А стои дека сегашната Преамбула на Уставот на РМ се заменува со јазик заснован врз концептите на индивидуални права и граѓанско општество:

“Граѓаните на Република Македонија, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање на самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувувањето и развојот на се што е вредно од богатото културно наследство и соживотот во Македонија…”

Анексот Б предвидува измени во законодавството. Предвидено е донесување на повеќе закони меѓу кои и законот за локална самоуправа, законот за локално финансирање, за територијална поделба, за изборни единици, потоа нов деловник на Собранието, закони што се однесуваат на употребата на јазиците и други.

Анексот Ц се однесува на имплементацијата на Договорот и мерките за градење на доверба. Овде се регулирани прашањата за пописот, изборите, враќањето на бегалците и улогата на меѓународната заедница.