ПД ”Куманово”: Бидете дел од планинарската тура ”Пирамида и три манастира”

Сподели со своите пријатели

Планинарското Друштво „Куманово“ на 1 ноември ја организира својата традиционална планинарска акција „Пирамида и Три Манастира“.

Loading...

Целта на акцијата е промовирање на овој дел од Кумановскиот крај што гравитира кон Свети Николе, а посебно „Пирамидата“, која според некои е вистинска пирамида, слична на Босанските пирамиди кај градот Високо.

Патеката ќе започне од селото Градиште, и ќе се движи кон манастирот „Св.Ѓорѓи“, со висинска точка од 800 метри, потоа  по шума до манастирот „Св.Петка“ во селото Габреш, каде се прави пауза од половина час. Од тука, патеката се качува до блокот Островица и на врвот на пирамидата, со висинска точка од 600 метри.

Од Пирамидата се спушта и се оди низ село Колицко до селото Скачковце, до манастирот „Св.Троица“. Патеката е долга 18 километри, средно тешка, но поради должината бара добра физичка подготвеност.

Место на собирање на учесниците е паркингот пред кафеаната „Жмара“. Време на поаѓање на автобусите за село Градиште е во 7.00 часот.

Организаторот ќе се потруди да обезбеди бесплатен превоз до и од село Градиште, за што учесниците ќе бидат благовремено известени.

Како што информираат од ПД ”Куманово” ќе биде обезбеден и ручек – традиционалното планинарско гравче, кое ќе се дава во манастирот „Св.Троица“.