Четвртата триенална изложба на цртежи од Детскиот ликовен камп „АСНОМ“ беше отворена во Занаетчискиот дом во Куманово, при што пред публиката беа претставени највпечатливите дела создадени во изминатите три години.

Станува збор за културен настан кој веќе прераснува во традиција, а зад кој стои Фондацијата за култура и спорт – Куманово, со поддршка од локалната самоуправа. Изложбата нуди пресек на творештвото на младите уметници од општинските основни училишта, кои во рамки на кампот имаат можност да се изразат преку различни ликовни техники и стилови.

Во текот на годините, на кампот учествуваат десетици ученици од повисоките одделенија, кои под менторство на ликовни педагози ги развиваат своите вештини, но и експериментираат со нови форми на уметничко изразување. Посебна вредност на иницијативата ѝ дава и вклучувањето на лица со попреченост, што на настанот му дава и социјална димензија.

Организаторите потенцираат дека целта не е само создавање уметнички дела, туку и поттикнување на креативноста, самодовербата и инклузивноста кај младите. Во тој дух, делата од изложбата ќе бидат донирани на здружението „Порака наша“, како поддршка за нивните активности.

Изложбата ја посетија и претставници на општината и Советот, кои ја истакнаа важноста од вакви настани за развојот на културниот живот во градот и поддршката на младите таленти.



Никола Ивановски

