Оставката на Груевски…

Сподели со своите пријатели

Пишува Проф. д-р Темелко Ристески

Вчера во 19 часот, премиерот патронски и патетично ни се обрати на нас – граѓаните на Република Македонија.

 Очиглено е дека тој е автократски и примитивно кодиран. Прво, тој нагласено ја истакнува својата личност. Второ, според него, само тој и неговата партија ја водат Македонија кон прогрес. Другите партии како да не постојат. Трето, тој нагласено наместо терминот „граѓани“ го употребува терминот „народ“, што асоцира на еден народ, а не на повеќе народи; заборава дека Република Македонија, според преамбулата на Уставот е држава на нејзините граѓани кои му припаѓаат на македонскиот народ како мнозински и на деловите од албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот народ, бошњачкиот народ и други народи. Четврто, од неговото обраќање произлегува дека опозицијата и нејзините бројни приврзаници се непријатели на Македонија.

Според него опозицијата е таа што води валкана кампања против Македонија. Тој не сфаќа дека опозиција во поширока смисла на зборот сме ние, сите граѓани на Републиката, повеќе стотини илјади на број, кои го дигаме гласот против злото и неправдите во општеството, кои не мислиме како него, како неговата гарнитура, како неговите полтрони и чанколизци и како значителен број од сиромаштија „отепани“ и заслепени граѓани кои за бедни плати за робовската работа, за бедни шестотини денари покачување на пензија и „бесплатно“ возење во претрпаните градски автобуси или возови или бедна социјална помош, а непосредно пред изборите и неколку шишиња зејтин или илјада денари во кеш, ја поддржуваат таа гарнитура.

Од каде му е на премиерот правото да не обвинува дека ние водиме валкана кампања против Македонија? Кој му го дал правото себе си да се смета за поголем патриот од нас? Ние ја сакаме Македонија. Таа е наша татковина. Ние не сме нејзини „доброчинители“ кои под превезот на патриотизмот и доброчинството, преку провизии, скапи привилегии, луксуз и рекет го крадеме и уништуваме најзиното национално богатство доведувајќи ја на тој начин во редот на најсиромашните земји во Европа.

Понатаму, тврди дека тој и неговата гарнитура биле премногу компромисни, и дека тоа го правеле свесно за доброто на државата, па ги набројува „добрините“ кои биле резултат на нивната компромисност: „СДСМ доби двајца министри со ресор, и три дополнителни заменици министри.“ „Се одбра Специјално јавно обвинителство, со целосни услови за непречено да работи.“ „Беше одбран составот на ДИК каде опозицијата има своја доминација, и секретар, и претседател од своите редови.“ „Изборниот законик, беше променет согласно барањата на опозицијата, а со посредство на меѓународната заедница.“ Со тоа премиерот смета дека тој и неговата гарнитура ги исполниле сите обврски од договорот во Пржино. Ништо не кажа за опструкциите со кои со соочуваат опозиционите министри од фанатизираните членови на неговата паритја кои забораваат дека се државни службеници, и како такви треба да им служат на граѓаните, а не да ја спроведуваат партиската политика во извршувањето на службените обврски.

Ништо не кажа за опструкциите кои неговата власт му ги правеше и му ги прави на Специјалното јавно обвинтелство. Каде е законот за јавно-обвинителска служба кој го бара специјалниот обвинител? Кој ќе ги извршува админиситративно-техничките работи во Обвинтелството? Зошто провладините медиуми како бесни кучиња се нафрлаат врз специјалниот обвинител и не го оставаат мирно да си ја врши својата работа? Кој стои зад тоа? Не ја спомна неизвршената обврска за реформи во медиумскиот простор. Ништо не кажа за задоцнетиот избор на ДИК и за проблемите со кои таа се соочува. Каде е прочистувањето на избирачкит список? Зошто не се почитува Изборниот законик? Тој очиглено визуелизира избори според досегашниот терк, со фалсификати, бугарски возови, насилство, поткупување на гласачи, притисоци врз вработените во администрацијата да обезбердат одреден број гасачи и сл.

Премиерот примитивно – „фирерски“, во прво лице еднина, тврди дека има големи планови за Македонија, за нејзината економија, за растот и развојот и т.н. за разлика од другите кои „ може да се вплеткуваат во политика на лична деструкција, во деструктивни и непродуктивни сценарија“. Тие другите, се разбира, сме ние, кои мислиме поинаку од него.

Тој е личноста чија програма е за тебе граѓанину, „за твоето семејство, за твојата работа, твоите приходи и плати и за изградбата на нашата земја како место во кое ќе може да се гледаат вашите надежи и соништа“. Тој е твојот „господ бог“. Тој е личноста која ќе го оттргне облакот на неизвесност и ќе го замени „со нов и силен мандат, со нов ветар во грб, кога сета оваа агонија, која ја создадоа, ќе биде зад нас“. Неговата гарнитура ќе докаже дека „Македонија е силна и отпорна и дека никој не смее да го потценува нашиот народ“.

Не кажува кој е тој што, според него, создал „агонија“ и што го „потценува нашиот народ“. Сигурно човекот мисли на опозицијата, на нас повеќе стотици илјади граѓани кои заедно со претставниците на меѓународната заедница имаме поинаква визија за Македонија од него, визија за демократска просперитетна и богата Македонија, земја на равноправни граѓани, ослободени од стравот и сиромаштијата, ослободени од одмаздите, насилството и рекетот на власта, визија за плати и пензии од кои најниската ќе биде повисока од 500 евра.

Тој верувал во нас, верувал во Македонија. Знаел дека и ние веруваме во него. Илузија, зар не? Кој му дава за право да каже дека сите граѓани на Република Македонија веруваат во него? Јас не му верувам. Убеден сум дека заедно со мене, во овој момент, не му веруваат, уште најмалку осумстотини илјади полнолетни и деловно способни граѓани на Република Македонија.

Најпосле еве ја последната визија – илузија на премиерот со која не повикува да „одиме напред, заедно рамо до рамо, секој ден до денот на изборите кога повторно ќе застаниме цврсто и со гордо крената глава ќе кажеме успеавме“.

Нека оди кој сака, а јас не одам рамо до рамо со него. Сигурен сум дека со него нема да одат многу стотини илјади граѓани на Република Македонија, а и тие што ќе одат, нема да одат со гордо крената глава. Не може да се оди со гордо крената глава при сознанието дека нашата татковина е една од трите најсиромашни земји во Европа.

Не може да се оди со гордо крената глава при неисплатени плати за повеќе месеци наназад поради рушителските и одмазднички страсти на премиерот. Не може да се оди со гордо крената гова со месечна плата од 150 евра, со минимална пензија од 130 евра, со социјална помош од 50 до 70 евра.

Не може бизнисменот да оди со гордо крената глава кога рекетот на милениците на власта му виси како Дамоклов меч над главата. Не можат да одат со гордо крената глава неколку стотини илјади млади луѓе кои ја напуштија земјата во потрага по животна егзистенција и подобар живот.

Нека оди премиерот рамо до рамо со неговите миленици, полтрони и чанколизци. Нека оди на ѓубриштето на историјата пеејќи примитивни сталинистички славопојки во своја чест и во чест на неговата гарнитура.

Таму му е местото. Таму сигурно ќе се најде, порано или подоцна. Се на овој свет има свој почеток, траење и крај.

Секоја негација има негација, вели дијалектиката


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.