Општина Куманово објави Втор Јавен повик за доделување финансиска поддршка на здруженија што вршат активности од областа на социјалната заштита.
Повикот е дел од Програмата за социјална, здравствена и заштита на децата за 2025 година, со цел „поголема транспарентност и унапредување на социјалните категории за граѓаните на општина Куманово“, изјави Александар Крстевски, раководител на Секторот за култура, спорт и социјала.
Крстевски додаде дека „благодарение на Градоначалникот Максим Димитриевски и Советот на Општина Куманово со претседателката Ивана Ѓорѓиевска, за Јавниот повик се обезбедени финансиски средства од Буџетот на Општината, согласно Програмата за развој на социјална заштита за 2025 година“.
Поддршката е наменета за здруженија кои се во фаза на развој, подготовка или воспоставување на нови социјални услуги на територијата на Општина Куманово.
„Финансиската поддршка се однесува на услуги на информирање и упатување, стручна помош и поддршка, советување, услуги во домот, услуги во заедницата и услуги за вонсемејна заштита. Предност ќе имаат здруженија чии активности се дел од Социјалниот план на Општина Куманово 2023–2026 година, како и оние кои развиваат услуги од областа на вонсемејната заштита“, нагласи тој.
Сите заинтересирани здруженија може да поднесат само едно барање, и тоа во писмена форма, со целокупната пропратна документација.
„Апликациите со непотполна документација и поднесени надвор од предвидениот рок нема да бидат предмет на разгледување“, истакна Крстевски.
Рокот за поднесување на апликации трае 14 дена, од 28 мај до 10 јуни 2025 година.
Формуларот за аплицирање е достапен на официјалната веб-страница на Општина Куманово и на портирницата во зградата на поранешен „Козјак“.
Никола Ивановски