Општина Куманово објави повик за доделување средства за културни настани (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Со седум милиони денари Општина Куманово ќе ги финансира културни манифестации што ќе се организираат во 2022 година, а за тоа веќе е објавен и јавен повик на кој може да се пријават сите заинтересирани организатори.

Loading...

Како што појасни денеска раководителот на Секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, Александар Крстевски, ова е прв пат да се објавува ваков тип на јавен повик на кој може да аплицираат јавни установи, здруженија, фондации и други правни лица кои имаат регистрирана дејност во областа на културата.

– Истите треба да имаат седиште во општина Куманово, да имаат успешно реализирани најмалку две културни манифестации од областа на културата, да придонесуваат за збогатување на културниот живот, да придонесуваат за зачувување и афирмирање на материјалното и духовно наследство на Општина Куманово, да потикнуваат и афирмираат локално творештво на нашите локални уметници, да се грижат за унапредување на соживотот и меѓуетничките заедници, да се обезбеди континуитет на традиционалните, културните и уметнички манифестации од јавен карактер, информираше раководителот Крстевски.

 

 

Рокот на доставување на апликациите започнува денеска и ќе трае седум дена, а барањата ќе бидат разгледувани од комисија формирана од градоначалникот, а одлуките ќе ги донесе Советот на Општина Куманово на предлог на градоначалникот.

– Резултатите од јавниот повик ќе бидат објавени на официјалната веб страница и ќе бидат транспарентни. Согласно тоа нашата општина претставува мултиетнички град кој го красат култури и традиции на различни етнички заедници. Затоа сакам во името на градоначалникот Максим Димитриевски и Советот на Општина Куманово да ги повикам сите локални уметници, културни работници и здруженија кои работат на територијата на нашиот град и бележат успеси во сферата во која се занимаваат да се јават на повикот, рече Крстевски.

Loading...

Како што појасни тој, целта на повикот е да продолжи презентирањето на различни култури и традиции кои претставуваат наше обележје и вековно успешно опстојување.

Никола Ивановски