Одложено рочиштето за „Диво насеље“

Сподели со своите пријатели

Денеска требаше да продолжи сослушувањето на заштитените сведоци во случајот „Диво насеље“, но истото според официјалните информации од Кривичниот суд,  е одложено од технички причини, односно бидејќи обвинетите не биле спроведени во Судот, пренесува порталот Академик.мк.

Како што е познато, рочиштата за случувањата од 9 и 10 мај минатата година во кумановската Дива Населба се одвиваат под силно полициско обезбедување, при што 29 обвинети се спроведуваат од повеќе затвори во земјава, каде што ја издржуваат мерката притвор, до Судот во Скопје.

Досега се одржани три затворени рочишта поради сослушување на заштитените сведоци. Предложените заштитени сведоци од обвинителството, околу 40, се полициски службеници кои учествувале во акцијата за разбивање на вооружената група. Од Судот сè уште не можат да потврдат до кога ќе трае нивниот распит. Потенцираат дека навремено ќе информираат кога повторно ќе биде отворено за јавноста судењето.

Следното рочиште на кое повторно ќе се сослушуваат заштитени сведоци е закажано за 21 април.

На рочиштата што беа отворени за јавноста беа изнесени воведните зборови на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и на 29 обвинети и нивните адвокати, а беа сослушани и десетина сведоци предложени од Обвинителството.

Покрај сведочењата на локалното население од Кумановско и сведочењата на роднините на некои од обвинетите, пред судот сведочеа и четворицата полицајци кои беа нападнати во караулата во Гошинце во април минатата година, настан кој, според обвинението, му претходел на целото организирање на нападот на полициските единици во кумановската Дива Населба.

Обвинетите се товарат за сторени кривични дела „терористичко организирање“ од членот 394 – а и „тероризам“ од член 394 -б од Кривичниот законик.

Во дводневната престрелка во кумановската Дива Населба загинаа осум припадници на македонската полиција и десет припадници на вооружената група.


Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.