Глобалните цени на нафтата скокнаа за повеќе од 5 отсто откако претседателот Доналд Трамп рече дека САД пресретнале и заплениле товарен брод под иранско знаме.
Ова дојде откако Иран во саботата објави дека уште еднаш го затвора Ормускиот теснец за комерцијални бродови и дека секој брод што ќе му се приближи ќе биде цел.
Глобалната референтна цена на нафтата се зголеми за 5,4 отсто на 95,27 долари за барел, додека реперот во САД беше за 5,9 отсто повисок на 88,79 долари.
Енергетските пазари се во превирања откако САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, а Техеран одговори со закана дека ќе го таргетира бродот во теснецот, кој носи околу 20 отсто од светската нафта и течен природен гас (ЛНГ).
Во петокот, цените на нафтата паднаа за 9 отсто, откако Иран рече дека Ормускиот теснец ќе биде „целосно отворен“ за комерцијален превоз до крајот на договорениот прекин на огнот.
Трамп рече дека неговите претставници ќе бидат во Пакистан во понеделник на разговори. Официјален претставник на Белата куќа рече дека потпретседателот Џеј Ди Венс ќе ја предводи американската делегација.
Но, иранските државни медиуми соопштија дека Техеран „нема планови да учествува“ во разговорите, иако иранските власти сè уште не ја разјаснија позицијата на земјата.
– Пазарите на нафта продолжуваат да осцилираат како одговор на флуктуирачките објави на социјалните мрежи од САД и Иран, наместо реалноста на теренот каде што продолжувањето на брзиот проток на нафта останува предизвик. Сето ова е дел од преговорите кои физички се одвиваат во реално време во Ормутскиот Теснец – изјави за Би-Би-Си аналитичарот Сол Кавоник од фирмата за финансиски услуги MST Marquee.
Шанти Келемен, ко-директор за инвестиции во 7 Инвестмент Менаџмент, рече дека постои „извесен замор“ на пазарот поради постојаните промени на состојбите.
– Мислам дека пазарот престана да верува на зборовите и повеќе ќе гледа кон постапките – изјави таа за Би-Би-Си.
Ормутскиот теснец остана затворен во неделата, еден ден откако иранската револуционерна гарда (IRGC) соопшти дека го суспендира своето привремено отворање поради блокадата на САД, која според неа ги прекршува условите од нивниот договор за прекин на огнот. Иран соопшти дека ќе остане затворен додека САД не ја прекинат поморската блокада.
Трамп во петокот рече дека поморската блокада ќе продолжи се додека двете земји не постигнат договор.
Цените на енергетските производи бележат нестабилно тргување од почетокот на војната со Иран.
Суровата нафта „брент“, репер за цените на фјучерсите на нафтата, се тргуваше по околу 70 долари за барел пред конфликтот.
На 9 март достигна речиси 120 долари.
Фјучерс договорите се договор за купување или продажба на средство по одредена цена на одреден датум во иднина.
Фјучерсот на Брент кој моментално се цитира е за сурова нафта да биде испорачана во јуни.
Конфликтот предизвика глобална енергетска криза со зголемени цени, додека некои земји се соочуваат со недостиг на гориво.
Азија е особено тешко погодена бидејќи регионот се потпира на пратки кои вообичаено минуваат низ Ормутскиот теснец за околу 90 отсто од неговите енергетски потреби.
Владите им наредија на вработените да работат од дома, ја скратија работната недела, прогласија државни празници и ги затворија универзитетите рано за да се зачуваат резервите.
Некои земји од Југоисточна Азија, вклучувајќи ги Сингапур и Тајланд, ги повикаа луѓето да ја ограничат употребата на климатизери за да заштедат енергија.
Дури и Кина – за која се верува дека има резерви еквивалентни на увоз за три месеци – прави корекции, ограничувајќи го покачувањето на горивото бидејќи граѓаните се соочуваат со скок на цената од 20%.
Авиокомпаниите ширум регионот најавија мерки за борба против вртоглавото зголемување на цените на горивото за авиони.
Минатата недела шефот на Меѓународната агенција за енергија предупреди дека Европа има „можеби уште шест недели авионско гориво“. Фатих Бирол изјави за АП дека летовите наскоро би можеле да бидат откажани доколку снабдувањето остане блокирано.

