Нов пакет мерки за помош на поплавените подрачја во Тетово

Сподели со своите пријатели

На денешната седница Владата донесе повеќе заклучоци со конретни мерки со цел да им се помогне на граѓаните од настраданите места по невремето во Тетово и тетовско.

Loading...

Земјоделците чии посеви беа оштетени од невремето ќе може да поднесат барања за проценка и надомест за настанатата штета до подрачните единици на МЗШВ, а повикот ќе биде објавен и ќе трае до 26 август годинава. Владата донесе одлука да отпоче доделувањето на еднократната парична помош во висина од 30.000 денари на најпогодените семејства од невремето. Во текот на денот списокот беше комплетиран и доставен до Министерството за финансии.

Семејствата чии домови се уништени или небезбедни за живеење ќе добија ќирија додека штетата не биде санирана, за првичен период од шест месеци. Станува збор за околу 14 семејства. Комисијата за надомест на штетите на терен утврдила дека околу 6 објекти ќе треба да се рушат бидејќи не се безбедни за живеење.

На барање на Дирекцијата за заштита и спасување, Владата донесе одлука за доделување на дополнителни 160.000 литри нафта кои се неопходни за механизацијата која се употребува на терен за да се продолжи со расчистување на настанатите штети од невремето. Дадена е и насока за интензивно вклучување на механизацијата на „Македонија пат“ за расчистување на штетите од невремето.

ЈП „Македонски шуми“ во соработка со месното население, а доколку има потреба и во соработка со Министерството за одбрана ќе обезбеди материјали за изработка на времен дрвен мост во село Порој, на барање на локалното население.