На археолошкиот локалитет Градиште, село Младо Нагоричане, археолозите од Националната установа Музеј Куманово го открија најстариот сочуван автохтон пишан натпис на териториите северно од Астибо (Брегалница).
„Станува збор за графит врежан на дно на сад од локално производство, кој припаѓа на групата натписи од т.н. ‘апоретски’ тип – натписи поставени на скришни места, со еротска и вулгарна содржина“, вели археологот Дејан Ѓорѓиевски од Музеј Куманово, кој беше раководител на истражувањата.
Овој наод е од особена важност, бидејќи, како што посочува Ѓорѓиевски, „зборува за користење на писмо од страна на населението на Градиште во Младо Нагоричане, нешто што е реткост на териториите северно од македонското кралство.“
Овогодишните археолошки истражувања се фокусираа на секторот Акропола, каде се наоѓа резиденцијален објект од 4–3 век пр.н.е. Целосно е истражен перистилот (отворениот двор) на градбата, а се работеше и на следење на правецот на каналот за вода.
И покрај тоа што истиот не е зачуван до крај, археолозите забележуваат дека „постоењето на цистерна, односно резервоар за вода, останува прашање кое треба да се одговори следните години.“
Пронајдените артефакти од затворени контексти ги потврдуваат досегашните сознанија за карактерот на резиденцијата.
„Резиденцијата покажува мошне блиски аналогии со богатите македонски куќи истражувани во Пела и останатите градови од Античка Македонија, како преку архитектурата, така и преку импортираната керамика“, објаснува Ѓорѓиевски.
Според него, градбата била уништена „во немирните времиња на дарданско-македонските конфликти во 3 век пр.н.е, истовремено со замирањето на пајонското кралство (до 230-та год. пр.н.е.).“
Меѓу значајните откритија годиниава е и податокот дека под постоечките ѕидови на објектот се пронајдени уште постари ѕидови.
„Тоа значи дека резиденцијалниот објект имал подолга традиција на користење. Со други зборови, постои веројатност да има остатоци од постар објект од ваков тип на истото место“, посочува Ѓорѓиевски.
Во тек е дигитализација на дел од наодите, со цел нивна достапност до пошироката јавност. За следната година, археолозите најавуваат продолжување на ископувањата, особено на неколку градби што се забележани преку LIDAR снимки и GPR геофизички снимања.
Истражувањата беа целосно финансирани од Министерството за култура и туризам.
Никола Ивановски