Присуството на екстремно десничарската теоретичарка на заговор Лаура Лумер заедно со Доналд Трамп во предизборната кампања во последните денови поттикна бројни прашања, дури и меѓу републиканците, за влијанието што овој контроверзен поранешен кандидат за Конгресот може да го има врз него.
Лумер е позната по антимуслиманската реторика и ширење теории на заговор, вклучително и дека терористичките напади од 11 септември 2001 година се „дело“ на американската влада.
Таа му се придружи на Трамп на собирот за комеморација на тие напади во средата, што предизвика гнев кај некои американски медиуми, јавува Би-Би-Си.
Во вторникот, 31-годишната Лумер отпатува со авионот на Трамп за Филаделфија, каде што се одржа телевизиската претседателска дебата.
За време на дебатата, Трамп го повтори неоснованото тврдење дека илегалните имигранти од Хаити јаделе домашни миленици во Спрингфилд, Охајо.
„Тие ги јадат миленичињата на луѓето што живеат таму“, рече Трамп.
Градските власти подоцна изјавија за Би-Би-Си дека нема веродостојни извештаи за таков настан.
Трамп тврдеше дека само го повторувал она што го слушнал на телевизија, но Лумер ја изнесе оваа неоснована теорија само еден ден пред дебатата, споделувајќи ја со нејзините 1,2 милиони следбеници на социјалната мрежа Х.
Не е јасно колку се блиски
Нивото на блискост на Лумера со Трамп не е сосема јасно – неговиот потпретседателски кандидат Џ. Венс, исто така, ја изнесе теоријата – но нејзиното присуство во Филаделфија предизвика критики од некои републиканци кои сметаат дека Лумер е причината поради која Трамп изнел неосновани тврдења во дебатата.
Анонимен извор близок до кампањата на Трамп изјави за американскиот медиум Семафор дека постои „100 отсто загриженост“ за блискоста на Лумер со Трамп.
„Без оглед на мерките за дистанцирање што ги презеде кампањата, се чини дека не функционира“, додаде изворот.
Друг извор, пак, тврди дека Лумер немала никакво влијание врз подготовките за дебатата и дека нејзиното присуство е позитивно.
Републиканскиот консултант Денис Ленокс беше многу поостар во критиките за дебатните перформанси на Трамп и ангажманот на Лумер, изјавувајќи: „Ова се случува кога се потпирате на Мет Гаец и Лора Лумер и живеете во балонот на Фокс Њуз “.
Лумер не одговори на неколку барања на Би-Би-Си за коментар, но напиша на Х дека дејствува независно за да му помогне на Трамп, кого го нарече „последната надеж на американската нација“.
„До новинарите кои ми се јавуваат – одговорот е не. Немам време за вашите теории на заговор“, напиша таа.
„Камала не е црна“
Родена во 1993 година во Аризона, Лумер работела како активист и коментатор за организации како што се Project Veritas и Infowars.
Во 2020 година, таа се кандидираше за Претставничкиот дом на САД во Флорида со поддршка на Трамп, но загуби. Две години подоцна, таа повторно неуспешно се кандидираше.
Таа е позната по тоа што го поддржува Трамп и шири теории на заговор, вклучувајќи ги и тврдењата дека Камала Харис не е црна и дека синот на Џорџ Сорос повикува на убиство на Трамп.
Поради навредливи објави, таа беше суспендирана од повеќе платформи како Facebook и Instagram, додека Uber и Lyft ја забранија поради коментари за муслиманските возачи.
Лумер често присуствува на митинзите на Трамп и неодамна беше видена во неговата резиденција во Мар-а-Лаго.
На почетокот на оваа година, таа отпатувала со неговиот авион за Ајова, каде Трамп ја поздрави на сцената, велејќи: „Добро е да се има на своја страна“.
Минатата година, Њујорк Тајмс објави дека Трамп сака да ја вработи за неговата кампања, но соработниците го отфрлија од идејата поради можната штета што може да предизвика на неговите политички планови.
Друг поддржувач на Трамп, Марџори Тејлор Грин, се судри со Лумер поради расистички коментари за Камала Харис, тврдејќи дека тие ставови не ги претставуваат републиканците.