НАТО: Руската нуклеарна реторика е опасна и неодговорна

Сподели со своите пријатели

НАТО ја осуди „опасната“ нуклеарна реторика на Владимир Путин, откако рускиот претседател ги објави плановите за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, додека руските сили го засилија гранатирањето на украинскиот град Авдиивка, на линијата на фронтот, пренесува Ројтерс.

Loading...

Овој потег, иако не е неочекуван, е еден од најизразените нуклеарни сигнали на Русија до сега и е предупредување за НАТО поради нејзината воена поддршка за Украина, која како одговор свика состанок на Советот за безбедност на ОН.

„Руската нуклеарна реторика е опасна и неодговорна. НАТО е во состојба на готовност и внимателно ја следиме ситуацијата. Не видовме никакви промени во нуклеарната положба на Русија што би нè навело да ја прилагодиме нашата“, рече во неделата портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.

Во саботата, Путин го спореди својот план за Белорусија со САД да го распоредат своето оружје во Европа, инсистирајќи дека Русија нема да ги прекрши своите ветувања за неширење на нуклеарното оружје.

Лунгеску рече дека тврдењата на Путин за распоредување на американско оружје во странство се невистинити.

„Повикот на Русија за НАТО да сподели нуклеарно оружје е целосно погрешен. Сојузниците на НАТО дејствуваат целосно почитувајќи ги нивните меѓународни обврски. Русија постојано ги прекршува своите обврски за контрола на оружјето“, рече таа во изјавата.

Шефот на украинската безбедност Олексеј Данилов изјави дека рускиот план ќе ја дестабилизира Белорусија и дека Москва ја има земено таа земја како „заложник“.

Меѓу другите што го осудија планот на Путин беше Литванија, која рече дека ќе повика на нови санкции за Москва и Минск, додека шефот за политика на ЕУ, Жозеп Борел, ја повика Белорусија да не биде домаќин на оружјето и се закани со нови санкции.

Loading...

Белорусија и Русија имаат блиски воени врски, а Минск и дозволи на Москва да ја користи белоруската територија како лансирна рампа за нејзината инвазија на Украина минатата година.

Експертите сметаат дека потегот на Русија е значаен бидејќи таа досега не распоредила нуклеарно оружје надвор од своите граници, за разлика од САД.

Ова можеби е прв пат од средината на 1990-тите да го направи тоа.

Американските власти ја минимизираа загриженоста за планираното распоредување на нуклеарно оружје од страна на Русија.

„Можам да ви кажам дека не видовме ништо што укажува на тоа дека г-дин Путин се подготвува да употреби тактичко нуклеарно оружје на кој било начин во Украина“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, за CBC во неделата.

Тој исто така рече дека ништо не е забележано што би можело да ги наведе САД да ја променат својата политика по ова прашање.

Според Ројтерс, тактичкото нуклеарно оружје е она што се користи за постигнување конкретни придобивки на бојното поле, а не оние што можат да уништат градови. Не е јасно колку такво оружје има Русија, бидејќи темата останува тајна што датира од Студената војна.

Путин вчера изјави дека западните сили градат нова „оска“ слична на партнерството меѓу Германија и Јапонија за време на Втората светска војна, притоа негирајќи дека Русија гради воен сојуз со Кина.

Loading...

„Пост-апокалиптични сцени“

На бојното поле, руското гранатирање доведе до речиси целосно затворање на источниот украински град Авдиивка, на само 90 километри југозападно од опколениот Бахмут, изјави во неделата висок регионален функционер.

„Жал ми е што го кажувам тоа, но Авдиивка се повеќе наликува на место од постапокалиптични филмови“, рече Виталиј Барабаш, шеф на градската воена администрација.

Мета на Русите биле две високи згради во тој град, на 10 километри од северната периферија на градот Доњецк, кој е под контрола на Москва од 2014 година.

Украинската армија минатата недела предупреди дека Авдиивка може да стане „уште еден Бахмут“, град кој по жестоките борби стана урнатини.

Русија го продолжува нападот врз Бахмут, додека украинските сили одбиле повеќе од 60 напади во последните 24 часа на источниот фронт, некои во правец на Авдиивка, објави во понеделникот украинскиот Генералштаб.

Бахмут е главна цел за Русија бидејќи се обидува целосно да го заземе индустријализираниот украински регион Донбас.

Руските команданти изразија уверување дека градот наскоро ќе падне, но таквите тврдења избледеа во услови на тешки борби.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили целеле воени цели во регионите Харков, Доњецк, Запорожје и Херсон, предизвикувајќи значителни украински жртви.

Loading...

Министерството, исто така, објави дека украински дрон бил соборен јужно од Москва во неделата, додавајќи дека во нападот со дрон биле повредени три лица, а оштетени се станбени блокови.

Русија во минатото тврдеше дека украински беспилотни летала летале на нејзина територија и ја оштетиле цивилната инфраструктура, тврдење кое Киев го негира.

Ројтерс наведува дека новинарите не можеле самостојно да ги проверат извештаите од бојното поле.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.