Над 3.500 посетители во првата половина од „Денови на комедија“

Сподели со своите пријатели

Фестивалот „Денови на комедија“ оваа година несомнено ги урива рекордите за продадени билети, а интересот кај кумановци за билет повеќе е огромен, за што зборува и фактот дека досега одиграните 7 претстави ги гледале 3.500 посетители.

Loading...

Како што информираше организаторот Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, интересот е толку голем што се распродадени и двете репризни изданија за претставите „Бегалка“ и „Школо за љубовници“.

Инаку во првата половина се одиграни вкупно седум претстави, „Странци“ на Драмски театар Скопје, „Љубоф“ на Градско казалиште „Јоза Ивакиќ“ Винковци и ХК Печух од Хрватска, „39 чекори“ на албанска драма при кумановскиот театар, „Мој Термин“ на Македонски народен театар, премиерно беше играна претставата „Одам на лов“ на велешкиот театар, претставата „Власт“ на Театар Славија од Белград, а вчера беше одиграна и „Жени пред нервен слом“ на Театар Комедија од Скопје.

Претставата на Академија „28 сцена“ од Белград со наслов „Школо за љубовници“ на репертоарот на фестивалот ќе се најде во четврток, но поради големиот интерес ќе се игра и утре.

Бугарскиот сатиричен театар „Алеко Константинов“ со претставата „Смеј се за збогум“ ќе се игра во сабота, во недела е „Доктор Шустер“ на Театар „Андон Зеко Чајупи“ од Албанија.

Продукција „Како вам драго“ од Белград во понеделник ќе ја изведе „Запознај го мојот татко“, а во вторник на официјалното затворање традиционално пред својата публика ќе игра кумановскиот театар, кога ќе ја изведе претставата „Бегалка“ која е специјално подготвена за 500-годишнината на градот, а за која владее невиден интерес.

Leave a Reply