Над 210 лица од Куманово досега се пријавиле за мерката самовработување, дел од Оперативниот план за вработување за 2025 година, кој денеска беше презентиран во градот.
Јавниот повик е отворен до петок, а локалната и централната власт ги повикуваат сите млади и невработени граѓани да ја искористат можноста за отворање сопствен бизнис.
„Сакам да ги повикам сите млади кумановци да аплицираат на овој проект бидејќи дава големи можности во делот не само на самовработување на младите лица, туку и развивање на сопствен бизнис со многу, верувам, креативни решенија и идеи. Општина Куманово силно ја поддржува акцијата на Владата и проектот да се самовработат младите, одвоени се сериозни средства од државниот буџет и секако верувам дека во иднина ќе го видиме бенефитот од оваа мерка“, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, истакна дека годинава се одвоени рекордни 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра за активни мерки за вработување, што е „7,5 милиони евра повеќе од претходната година“.
Според него, со мерките ќе бидат опфатени 16.500 граѓани низ целата држава.
„Сакаме да ги охрабриме сите кумановци, посебно младите луѓе до 29 години, но и сите категории невработени луѓе да ги следат мерките кои се произлезени од овој оперативен план и да конкурираат на нив“, рече Ристески.
Тој додаде дека мерката самовработување има 70% реализација во минатите години, а во оваа фаза ќе бидат опфатени 1.750 лица, од кои 750 млади.
„Оваа мерка има опфатено три подмерки. Една е за лица кои би отвориле бизнис до 29 години – каде мерката изнесува вредност од 10.000 евра, или за цели 4.000 евра повеќе од истата мерка лани. За лица над 29 години мерката е зголемена за 1.000 евра, односно 7.000 евра субвенции. Има трета подмерка – можност за здружување, односно формирање на друштво со ограничена одговорност. Кога би се здружиле две млади лица до 29 години – би добиле вкупно 20.000 евра, а доколку се здружат две лица над 29 години – би добиле 14.000 евра“, изјави Ристески.
Тој најави дека останатите мерки ќе се објавуваат поетапно, а целта е младите луѓе „да останат во државата, а не како што беше пример во минатите години – да заминуваат од нашата држава, посебно наша способна работна сила“.
Додаде дека планот има две главни цели – самовработување преку отворање сопствени бизниси и вработување на луѓе во постоечки компании преку поддршка на растот на правните субјекти и развојот на зелената економија.
„На ниво на Македонија досега рекордно се пријавени околу 3.700 лица, одиме кон бројка од 4.000, имајќи предвид дека конкурсот ќе трае до петок“, додаде тој.
Весна Пешова, заменик-директорка на Агенцијата за вработување, рече дека оперативниот план е „клучен документ кој го имплементира Агенцијата за вработување“ и ја рефлектира заложбата „за намалување на невработеноста, за создавање на одржливи работни места“.
Според неа, „мерките содржани во него се прилагодени на нашата економија и имаат за цел да ги задоволат барањата и на невработените лица и на работодавачите“.
„Подготвени се сите 30 центри во Република Македонија за да ги информираат и успешно да го реализираат овој оперативен план. Сакам да ги повикам сите заинтересирани лица да земат учество – најпрво да ги добијат потребните информации во самите центри за вработување, но и на нашата веб страница“, рече Пешова.
Таа информираше дека во моментов се активни три огласи од програмата за самовработување, а денес е објавен и оглас за обука на работно место кај конкретен работодавач.
„Во Центарот за вработување Куманово досега се поднесени над 210 пријави. Уште еднаш ги повикувам сите заинтересирани лица да аплицираат и да ја искористат можноста да се вклучат во некоја од активните мерки“, додаде Пешова.
Таа појасни дека програмата за самовработување не поддржува пет дејности: земјоделие, производство на оружје и муниција, организирање игри на среќа, такси служба и приватни агенции за вработување – „сите други дејности може слободно да аплицираат“.
Даниела Димовска, директорка на Агенцијата за поддршка на претприемништвото, објасни дека агенцијата е директно вклучена во реализацијата на активностите поврзани со самовработување – „најатрактивната мерка“, како што ја нарече.
„Секој еден што сака да основа бизнис, откако ќе се пријави во Агенцијата за вработување, мора да посети дводневна обука од нашата агенција. Понатаму се постапува кон ваучерски систем на советување, каде потенцијалниот претприемач заедно со советник од каталогот на советници на Агенцијата ќе изработат еден бизнис план, кој потоа оди на оценување на експертската комисија“, изјави Димовска.
Таа додаде дека „откако ќе се основаат бизнисите, нудиме можност за шестмесечно менторство, каде што новите претприемачи ќе добијат стручна поддршка за одржување и развој на бизнисот“.
Никола Ивановски