Москва планира состанок на Советот за безбедност на ОН за украинските деца префрлени во Русија

Сподели со своите пријатели

Русија планира да одржи неформален состанок на Советот за безбедност на ОН на почетокот на април за „реалната ситуација“ со украинските деца однесени во Русија.

Loading...

Тоа прашање е во центарот на вниманието по одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин за воени злосторства поврзани со носење деца од Украина во Русија.

Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија на прес-конференција во понеделникот изјави дека Русија планирала состанок на Советот за безбедност на ОН пред одлуката на МКС објавена во петок.

Во април, Русија претседава со Советот за безбедност на ОН на ротирачка основа.

Седницата на Советот за безбедност треба да се одржи околу 6 април, иако точниот датум се уште не е одреден.

МКС објави дека бара апсење на Путин бидејќи тој е осомничен „за воени злосторства илегална депортација (на деца) и нелегално пренесување (на деца) од окупираните територии на Украина во Русија.

Судот во Хаг издаде и налог за апсење на Марија Алексеевна Лвова-Белова, комесарка во Канцеларијата на претседателот на Русија за правата на децата.

Соопштението уследи по извештајот на Комисијата за истрага на ОН за Украина, во која се наведува дека постојат докази за нелегално префрлање на неколку стотици украински деца во Русија.

Loading...

Од комисијата велат дека и родителите и децата се соочуваат со многу пречки при воспоставувањето контакт, а товарот е пред се на децата, а најмалите деца веројатно не можат да остварат никаков контакт.

Беше заклучено дека присилните депортации „го кршат меѓународното хуманитарно право и претставуваат воено злосторство“.

Украинската влада тврди дека 16.221 дете биле однесени во Русија од почетокот на војната.

Рускиот амбасадор оцени дека прашањето е „целосно пренадувано“, велејќи дека Москва на седницата на Советот за безбедност сака да објасни дека децата биле однесени во Русија „само во желба да бидат поштедени од опасноста што може да ја донесат воените активности“.

На прашањето дали Русија планира да ги врати децата, Небензија одговори потврдно.

„Кога условите се безбедни, се разбира, зошто да не“, рече рускиот амбасадор во ОН.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.