МОН потпиша меморандум за соработка со швајцарската амбасада за проект од 6 милиони франци

Сподели со своите пријатели

Промоцијата и подигнувањето на квалитетот на средното стручно образование во државава преку унапредување и проширување на концептот на учење преку работа во компании, ќе биде во фокусот на работата на Министерството за образование и наука во следните неколку месеци, а поддршка за постигнување на поставените цели е обезбедена од Владата на Швајцарската конфедерација.

Loading...

По овој повод, денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири и швајцарската амбасадорка во Скопје, Вероник Улман потпишаа меморандум за продолжување на успешната соработка воспоставена пред неколку години, а кој предвидува спроведување на конкретен план со повеќе заеднички активности до 2026 година.

„Меморандумот ќе овозможи продолжување на кампањата „Учи паметно, работи стручно“, на која ќе и биде веќе четврта година како се имплементира во државава, проширувајќи и промовирајќи го дуалното образование како концепт кој се базира на учење преку работа во компании и дава голем придонес во подигнувањето на степенот на вработливост кај младите и скратување на времето на премин од образование кон работа“, рече Шаќири.

Тој информираш дека за три години концептот на дуално образование го прифатиле 61 училиште во државава, а во првата биле само 8 училишта.

„Од 11 паралелки во кои се реализираше дуално образование во учебната 2020-2021 година со вкупно 98 ученици, во оваа учебна 2022-2023 имаме 225 популарно наречени дуални паралелки со 3228 ученици. Или, вкупно во овие три години, во дуално образование се запишаа над 4800 ученици. Секако, МОН обезбеди и дополнителна стимулација за да се зголеми интересот за овој тип на образование, со воведувањето на 1500 стипендии за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки и тоа во износ од 3300 денари на месечно ниво. Ќе споделам и дека бројот на компании кои прифатија да бидат дел од образованието на младите, гледајќи во нив потенцијална квалитетна работна сила се зголеми од 16 на 450 компании“, додаде министерот, изразувајќи благодарност до швајцарската влада за поддршката.

За амбасадорката Улман, задоволство е да се помогне кога видливи се намерите на Владата на Северна Македонија да создава квалитетен кадар кој недостасува во стопанството, но и напорите за развој и интегрирање на националниот образовен систем во европскиот образовен простор.

„Нашата собработка започна во 2018 година и оттогаш истата даде значајни резултати како за младите така и за приватниот сектор во Република Северна Македонија. Како дел од овој Меморандум за соработка, Швајцарија ќе одвои дополнителни 5,9 милиони швајцарски франци, со што вкупната поддршка на Швајцарија за реформите на системот за развој на стручни вештини во земјата ќе сезголеми на 12 милиони швајцарски франци. Размената на искуства во рамки на швајцарската поддршка и размената на знаења и најдобри пракси директно го поддржува дуалниот стручен и образовен систем преку поврзување на приватниот сектор со образованието, со цел да му овозможи на истиот да пристапи до квалификувана работна сила и да придонесе за пристојни можности за вработување на младите во земјата“, потенцираше амбасадорката Улман.

Потпишувањето на меморандумот го означува почетокот на втората фаза од соработката помеѓу МОН и швајцарската влада, во која сите засегнати страни ќе се фокусираат на реализација на заеднички план за работа за периодот од 2023 до 2026 година, односно ќе продолжи дијалогот и соработката помеѓу образовните институции и приватниот сектор, како и нови промотивни содржини кои ќе го поддржат уписот во средното стручно образование.

Loading...

Интегрално соопштение: Министерство за образование и наука