МНОГУ ПАТУВА: Се бара поголем буџет за канцеларијата на Шарл Мишел

Сподели со своите пријатели

Претставниците на ЕУ бараат зголемување на средствата за канцеларијата на претседателот Шарл Мишел за 28 отсто или 500.000 евра за плаќање на меѓународните патувања кои се зголемени поради настаните во Украина.

Loading...

Според „Политико“, според проценките на трошоците и приходите, буџетот за канцеларијата на Мишел би се зголемил од два милиони евра на 2,5 милиони евра во 2024 година.

Како што се наведува во документот, причината за ова зголемување е „главно поради патните трошоци во поглед на продолжувањето на интензивната меѓународна активност по руската агресивна војна против Украина“.

„Политико“ наведува дека буџетските барања веројатно ќе ги налутат некои европски влади, кои веќе се загрижени дека Мишел троши премногу време на надворешната дипломатија наместо да ги координира компромисите меѓу земјите од ЕУ.

Во документот се наведува и дека повисоката проценка на буџетот го одразува зголемувањето на платите предизвикано од инфлацијата, како што е случајот во другите ресори на Советот, односно се очекува платите во Советот да се зголемат во просек за 6,1 отсто, пренесува Танјуг.

Портпаролот на Мишел Барен Лејт нагласи дека ова се однесува на „технички документ во кој кабинетот не бил вклучен или консултиран“, како и дека кабинетот не се меша во овој тип на процедура.

Според една од табелите во документот, реалните патни трошоци во 2022 година изнесуваат 1,7 милиони евра, а во 2024 година се очекува да пораснат на 1,9 милиони евра, што ќе доведе до зголемување од 12 отсто.

Документот е испратен до Комисијата за буџет, каде што ќе се разгледува.

Loading...