Министрите за одбрана на ЕУ ќе разговараат за ситуацијата во Габон

Сподели со своите пријатели

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска изјави дека министрите за одбрана на Унијата ќе разговараат за ситуацијата во Габон и дека, доколку се потврди дека државен удар е спроведен во таа земја, тоа само ќе доведе до уште поголема нестабилност во регионот.

Loading...

„Доколку тоа се потврди, тоа е уште еден воен удар што ја зголемува нестабилноста во целиот регион“, рече Борел на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Толедо, Шпанија.

Франција внимателно ја следи ситуацијата во Габон, изјави денеска француската премиерка Елизабет Бурн на состанокот на амбасадорите во Париз.

Група високи габонски воени офицери утрово се појавија на националната телевизија кога објавија дека ја презеле власта откако изборното тело на земјата објави дека претседателот Али Бонго освоил трет мандат.

Француската рударска компанија Ерамет, која поседува рудник за манган во Габон, утрово го прекина производството, изјави портпаролот на компанијата за Ројтерс.

Во Габон денеска е обновен интернетот, јави дописникот на британската агенција.

Група високи офицери во вооружените сили на Габон објавија дека ја презеле власта и ги поништиле штотуку објавените резултати од претседателските и парламентарните избори, објави Ројтерс, цитирајќи ја националната телевизија на Габон.

Според извештаите, бунтовниците се од редовите на безбедносните служби, националната и претседателската гарда, армијата и полицијата.

Loading...

Превратот се случи веднаш откако државната изборна комисија на Габон објави дека актуелниот претседател на земјата, Али Бонго Ондимба, е реизбран за трет мандат со 64,2 отсто од гласовите.

Опозицијата соопшти дека се работи за изборен фалсификат и не се согласува со објавените резултати.

По затворањето на избирачките места, воведен е полициски час и блокиран е пристапот до интернет.

Според владиниот портпарол, тоа е направено „за да се спречи насилство и ширење лажни информации“.

Затворени се и надворешните граници на Габон.

Али Бонго Ондимба (64) е син на вториот претседател на Габон, Омар Бонго Ондимба, кој беше на власт од 1967 до 2009 година.

Но, Бонго Ондимба првпат беше избран за претседател во 2009 година по смртта на неговиот татко и освои 41,7 отсто од гласовите.

Ондимба беше реизбран во 2016 година со 49,8 отсто од гласовите, додека неговиот ривал од опозицијата доби 48,2 отсто.

Loading...

Габон е една од земјите богати со нафта во Африка, пренесува Танјуг.

Во исто време, економската политика на актуелната влада не успеа да ја намали сиромаштијата, која во 2022 година погоди 32,9 отсто од населението, покажуваат податоците на Светска банка.