Максим Димитриевски: Во Куманово има место за сите, и за Бугарите, единствено што бараме е взаемно почитување

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, на свечената седница по повод 78 години од ослободувањето на Куманово истакна дека во Општина Куманово нема поделби по ниту еден основ туку напротив, во Куманово има место за сите, и за Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, Црногорци, Хрвати, Бугари и сите други заедници кои се почитуваат и си помагаат меѓусебно.
Тој потенцираше дека единствено она што се бара во Куманово е взаемно почитување, уважување и признавање, бидејќи ако сакате некој да ве почитува првенствено треба да го почитувате.

Loading...

“Во Куманово нема поделба ниту по партиска, ниту по каква била друга припадност, затоа што за интересите на граѓаните ние мораме да сме сложни и да работиме заедно без разлика на нашите различни, политички и општи убедувања. Наша должност е да го подобриме квалитетот на живот на кумановци, а тоа ќе го направиме единствено доколку заеднички конструктивно дискутираме, дебатираме и носиме проекти во нивен интерес, па по можност и со консензус. Вака треба да функционира една општина која првенствено припаѓа на граѓаните, а не на политиката.” порачува Димитриевски.

Во продолжение Ви го пренесуваме неговото обраќање во целост:

„Денеска одбележуваме многу значаен и важен јубилеј за Куманово, но и за целата држава.
На 11 Ноември пред 78 години, Куманово е ослободено од фашистичките окупатори, благодарение на нашите предци – борците од Народно ослободителната војна.
Особен поздрав и чест до претставниците и почитувачите на ликот и делото на борците од НОБ и здружението Запворс од Куманово кои во континуитет не потсетуваат на нашето недамнешно минато.

Во оваа борба за слобода, за еднаквост, за сопствена и самостојна држава учествувале повеќе од 2000 борци, кои го изложиле својот живот за татковината и за подобро утре на денешните генерации. Им оддаваме најголема почит и признание!

Нашиот град има осум народни херои од НОБ, Христијан Тодоровски Карпош, Киро Фетак, Боро Менков, Перо Чичо, Бајрам Шабани, Мара Нацева, Боро Петрушевски и Трајко Стојковски-Бузо. Слава им на хероите!

Куманово е градот на гордоста, на соживотот, градот на шегата и градот на антифашистичката борба. Заедно со Прилеп се кренавме рамо до рамо и со останатите во државата, токму нашите предци ја ослободија нашата држава.

Борците од НОБ се примерот што треба сите да го следиме, македонската историја што треба да ја негуваме и македонски јазик и идентитет што мора силно да ги штитиме.

Loading...

Куманово важи за град првоборец, револуционерен и слободарски што секогаш паметно и мудро ги одбирал вистинските чекори за нашата држава.

Град што отсекогаш бил на вистинската страна на историјата – на Македонската! За граѓаните и за татковината!

Да ги празнуваме и воздигнуваме светлите датуми од нашата историја. Ова како аманет и како влог ни го оставија нашите предци кои го дале својот живот за слободата.

Обврската, којашто сега сите ние ја имаме е да продолжиме по истиот пат, по патот по кој тргнале нашите херои борци. И од овој пат не смееме никогаш да скршнеме!

Од нашата општина почнале сите процеси за европскиот развој на Македонија. Последните години, општина Куманово се развива во вистинска насока. Се реализираат значајни и важни проекти, во изминатава година имплементирани се повеќе од 130 проекти што придонесуваат за забрзано развивање и за модернизација на градот.

Ја подобруваме патната инфраструктура, ги унапредуваме условите во образованието преку реконструкција на основни и средни училишта. Се грижиме за заштита на животната средина, развиваме гасификација и го развиваме спортот, општествено делуваме

Водиме грижа за возрасните, за младите, за децата. Тие се нашиот мотив и водилка во животот. Ги слушаме сите нивни идеи, предлози, сугестии, критики. Заеднички, Куманово го правиме поубаво место за живеење.

Денеска, покрај тоа што одбележуваме 78 години од ослободување на Куманово, исто така одбележуваме и 503 години од постоење на нашиот град.

Loading...

Нашата општина е пример како треба да функционира една локална заедница, како се гради негува соживотот и реално мултиетничко општество. Додека едни само зборуваат за мултиетницизам, ние истиот го практикуваме на дело.

Во Куманово нема поделби по ниту еден основ! Во Куманово има место за сите.
И за Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, Црногорци, Хрвати, Бугари и сите други заедници се почитуваат и си помагаат меѓусебно.

Единствено она што го барам во Куманово е взаемно почитување, уважување, признавање, бидејќи ако сакате некој да ве почитува првенствено треба да го почитувате.

Во Куманово нема поделба ниту по партиска, ниту по каква била друга припадност, затоа што за интересите на граѓаните ние мораме да сме сложни и да работиме заедно без разлика на нашите различни, политички и општи убедувања.

Наша должност е да го подобриме квалитетот на живот на кумановци, а тоа ќе го направиме единствено доколку заеднички конструктивно дискутираме, дебатираме и носиме проекти во нивен интерес, па по можност и со консензус.

Вака треба да функционира една општина која првенствено припаѓа на граѓаните, а не на политиката.

Нашите предци ни оставиле обврска секогаш да се грижиме за граѓаните, да направиме да имаат подостоинствен живот, да бидат посреќни и да се чувствуваат слободни.

Младите да бидат вреднувани, со поголеми можности и шанси за развој, а возрасните да бидат задоволни од квалитетен живот и пред се почитување.

Loading...

Верувам дека само заеднички можеме да успееме. Во идејата за напредок, посреќен живот, обединетост и заеднички развој на патот кон Европската Унија.

Ве повикувам да се приклучите сите! Како градоначалник заедно со мојот тим ќе продолжам неуморно да работам за сите граѓани подеднакво и без исклучок. Граѓаните се нашата водилка и само на нив имаме обврска да им служиме!

Нека ни е честит 11 Ноември Денот на ослободување на Куманово и 503 години од постоењето!