Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во четвртокот вечерта дека е убеден дека ЕУ ќе мора повторно да прибегне кон заедничко задолжување за да го врати претходниот долг и за поголеми трошоци за одбраната.
„Убеден сум дека ни треба паневропски заеднички заем за да почнеме да го враќаме долгот подигнат за закрепнување од пандемијата и да можеме да ги финансираме нашите потреби во областа на вештачката интелигенција, одбраната, климата“, рече Макрон по завршувањето на самитот на ЕУ во Брисел.
Лидерите на ЕУ ја одржаа својата прва дискусија за следниот седумгодишен буџет за периодот 2028-2034 година на нивниот самит што заврши во четвртокот навечер.
На прашањето колку се реални изгледите за ново задолжување на ЕУ за зајакнување на одбраната, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ рече дека „тоа не е исклучено“.
Макрон призна дека во моментов нема консензус на ЕУ за ова.
Германија, Холандија и северните членки на ЕУ традиционално се спротивставуваат на заедничкото задолжување.
Сепак, Германија се предомисли и се согласи на голем долг од 800 милијарди евра за да ја спаси економијата од последиците на пандемијата COVID-19.
Макрон рече дека е премногу рано да се каже каква позиција ќе има идниот германски канцелар Фридрих Мерц за ова.