Општина Куманово активно реализира и започнува нови инфраструктурни проекти низ целата територија, со цел подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и безбедноста во сообраќајот.
Според градоначалникот Максим Димитриевски, во тек е реализација на повеќе зафати, а други ќе отпочнат во наредниот период.
– Во моментов се работи на реконструкција на фекална канализација на дел од улица „Моша Пијаде“, од улица „Браќа Рибар“ до улица „Пиринска Македонија“. Завршена е тендерската постапка, изведена е фирма од Скопје која веќе работи на терен, изјави Димитриевски.
Како што додаде градоначлникот, веднаш по завршување на оваа фаза, ќе започне и нов поголем проект, кој предвидува целосна реконструкција на улицата.
Во тек е и активност за одржување на сообраќајници, односно изградба на нови лежечки полицајци.
– Завршена е тендерската постапка, избрана е фирма „КОП Инжинеринг“ од Скопје. За 1,69 милиони денари ќе биде интервенирано на различни локации каде ќе бидат изградени нови лежечки полицајци, првенствено во близина на училиштата, а по потреба и на најфреквентните места, секако каде имаме добиено сообраќајна согласност од страна на МВР, изјави Димитриевски.
Покрај тоа, продолжуваат градежните зафати во руралните средини, информираше градоначлникот. Последната интервенција била во селото Брзак, а наскоро ќе започне и во село Романовце.
– Завршена е постапката, избрана е фирмата „Фишер Тихи“ од Куманово која веќе работи на повеќе локации. Последната интервенција беше во село Брзак, а во моментов имаме најава за интервенција во село Романовце, во износ од 5 милиони денари за санација на тие рурални патишта, потенцираше првиот човек на градот.
Градоначалникот најави и реализација на нов проект во село Речица, каде ќе се врши реконструкција на повеќе улици.
„Во моментот имаме реализација на проект во износ од 13,7 милиони денари – изградба и реконструкција на улици. Тоа се улици од десната страна на влезот од селото, од лева и десна страна паралелно се движат покрај селскиот стадион кој е во функција таму. Очекуваме овој проект да биде најбрзо завршен до крајот на месец август, изјави Димитриевски.
Во фаза на почеток е и проект за изградба на дел од улица 2002 (крак 1, 2 и 4) и дел од улица „Веселин Вујовски“, во населбата Тоде Мендол.
На територијата на цела општина, предвидено е и санирање и одржување на јавни површини, односно летно крпење на оштетените патишта. Тендерската постапка, како што рече градоначалникот, е во завршна фаза, а во износ од 12,6 милиони денари .
Во тек е и постапка за реконструкции и санирање на оштетени јавни површини со бекатон плочки.
– Се очекува да биде избран најповолен понудувач во износ од 31 милион денари. Ако заврши оваа постапка до крајот на месецот, веќе од јули ќе бидат поплочувани и бекатонирани поголем број улици согласно приоритет, најави градоначалникот.
Покрај новите и тековни активности, Димитриевски информираше и за веќе реализирани проекти.
– Реконструкцијата на дел од улица „320“, „324“ и „325“ во населбата Ајдучка Чешма е целосно завршена. Фирмата „КОП Инжинеринг“ ја реализираше работата во износ од 4,9 милиони денари, каде сите овие улици беа изградени, а мислам дека и дополнително одредени кракови согласно проектната документација, рече тој.
Во село Табановце исто така е реализиран проект за изградба на улица во вредност од 2,9 милиони денари.
– Изработена е комплетно нова улица која оди во долниот дел на селото, па се до селската црква, рече градоначалникот Димитриевски.
Со овие проекти, како што потенцираше градоначалникот, Куманово продолжува да инвестира во урбаниот и руралниот развојсо цел подобрување на инфраструктурата и секојдневието на сите граѓани.
Никола Ивановски