Лажна дојава за подметната бомба утринава ги вознемири кумановци

Сподели со своите пријатели

Дојава за бомба рано утринава околу девет часот ги крена на нозе членовите на анти-терористичката единица при Министерството за внатрешни работи, откако жител на градот пријавил дека се сомнева дека под неговиот автомобил имало подметната експлозивна направа.

Според информации на очевидци полицијата за брзо време откако излегла на терен се повлекла утврдувајќи дека под автомобилот нема експлозив.

Според пријавата што стигнала до Секторот за внатрешни работи Куманово бомбата била подметната под автомобил кој се наоѓал пред комплексот згради на булеварот „Октомвриска револуција“. Веднаш откако излегле на терен полициските службеници го обезбедиле просторот со ленти, а тим од Единицата за анти-тероризам од Скопје излегла на терен.

Утринава од МВР потврдија дека дојавата била лажна и дека под автомобилот не пронашле никаков експлозив. Граѓаните кога ја виделе полицијата биле видно вознемирени, посебно откако на истото место пред некое време имаше експлозија на плинска боца.