Лавров бара дополнителни објаснувања од МААЕ

Сподели со своите пријатели

Русија побара „дополнителни објаснувања“ од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во врска со одредени делови од извештајот за нуклеарната централа Запорожје во Украина, соопшти денеска министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

Loading...

Лавров за новинската агенција Интерфакс изјави дека на Москва ѝ се потребни повеќе детали за наодите на МААЕ и дека испратила официјално барање за дополнителни информации.

„Потребни се дополнителни објаснувања, бидејќи во извештајот има повеќе прашања. Сега нема да ги набројувам, но побаравме појаснување од генералниот директор на МААЕ“, изјави Лавров за руската агенција.

МААЕ во вторникот повика на прекин на гранатирањето во близина на централата и за итно воспоставување безбедносна зона околу централата во извештајот објавен по нејзината инспекција во Запорожје минатата недела.

Објектот е под контрола на руските сили од март, но украинскиот персонал сè уште работи таму и е поврзан на електричната мрежа на Украина.

И Киев и Москва се обвинуваат меѓусебно дека испукале проектили кон централата, што предизвикува страв од нуклеарна катастрофа слична на Чернобил.

Украина негира дека го нападнала објектот и ја обвинува Москва дека стационира тешко оружје во нуклеарната централа, што Русија го негира, наведува Ројтерс.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА. 

Loading...