ЛАГ АБЕР 2015 вчера во просториите на Министерството за земјоделие, во присуство на Министерот Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, потпиша договор со Агенцијата за финансирање на два проекти предложени од ЛАГ АБЕР 2015 во висина од 10. 000 евра.
Првиот проект се однесува на подобрување и заштита на туристичката инфраструктура на Кокино, односно предвидува оградување на дел од локалитетот и уредување на место за одмор (видиковец) за туристите, во непосредна близина на Кокино.
– Оградувањето на Кокино до сега претставуваше огромен проблем за успешно менаџирање со туристичките посети на локалитетот, како и потреба за поголема заштита на самото место,а за кое што е константно апелирано од страна на НУ Музеј Куманово до надлежните институции во последните 15 години. За овој проблем алармираше и Комисијата на УНЕСКО при разгледувањето на апликацијата за Кокино, додека пак туристите ја наведуваа лошата инфраструктура и непостоењето на места за одмор како главна негативна страна на местото, велат од ЛАГ АБЕР.
Вториот проект се однесува на набавка на современа механизација – атомизер, ѓубрерастурач и дизел генератор, која што ќе биде користена од страна на членовите – земјоделци, по претходна нивна обука.