Курдската милиција демантира дека се договорила сириската армија да влезе во Африн

Сподели со своите пријатели

Сириската курдска милиција Сили за заштита на народот демантира дека се договорила со Дамаск заедно со сириската армија да влезе во енклавата Африн.

– Нема договор. Имаше само повик од нас до сириската армија да дојде и да ги брани границите, изјави портпаролот на Сили за заштита на народот,. Нури Мухамед.

Советникот во администрацијата на зоните под контрола на Курдите во северна Сирија, Бадран Џија Курд вчера изјави дека властите во Дамаск и силите на сириски Курди постигнаа договор Армијата на Сирија да влезе во областа Африн за да помогне во спротивставување на турската офанзива „Маслиново гранче“, што почна на 20 јануари.

Според него, силите лојални на сирискиот претседател Башар Асад може да влезат во областа во следните два дена.

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган во вчерашниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин се закани дека сириската Влада ќе се соочи со последици доколку склучи договор со сириските курдски Сили за заштита на народот против турската воена операција во Сирија.

– Ако сирискиот режим тргне по тој пат, тогаш ќе има последици, истакнал Ердоган и најави дека турската офанзива ќе продолжи согласно планираното.

Таквото предупредувањето од Ердоган создава можност за потенцијален судир помеѓу Турција и сириските сили, кои имаат поддршка од Иран и од Русија.  Сириската армија не е присутна во Африн од 2012 година, кога се повлече од поголемиот дел од северна Сирија. Нејзиното враќање во енклавата, каде има распоредено единици на регионални и меѓународни сили може да ја усложни ситуацијата и да доведе до несакани судири.

За Анкара Силите за заштита на народот на сириските Курди за огранок на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија. ПКК, која се бори за автономија на Курдите на турска територија, се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.  Силите за заштита на народот, од друга страна, беа едни од главните сојузници на САД во борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД), па турската офанзива предизвика тензии во однсите меѓу Анкара и Вашингтон.

Аналитичарите предлагаат да се постигне договор сириската армија да влезе во Африн, а припадниците на Силите за заштита на народот да се распоредат подалеку од границата на Турција, што е еден од начините за прекин на турската операција „Маслиново гранче“.

Анкара ја почна операцијата во Африн откако доби дозвола од Русија, која го поддржува режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад. Поради тоа евентуален судир помеѓу сириската армија и турските сили би довело до потенцијален конфликт и помеѓу руската и турската армија. /МИА

Leave a Reply