Кумановските археолози пронајдоа уникатни фрагменти од 4. век (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Археолошкиот тим на Музеј Куманово откри многу ретки фрески од 4 или 5 век на локалитетот Градиште – Бислим во селото Пчиња.

Loading...

Освен фрагментите, како што информираше раководителот на тимот Дејан Ѓорѓиевски, откриен е и мал дел од слика на светец на најстарата црква откриерна на локалитетот, што има уникатно и посебно значење.

– Со истражување на наодите кои оваа конструкција ги покрила, наидовме на постари фрагменти од фреско декорација, со претежно геометриска орнаментика, кои ги датираме во втората половина на 4 или самиот почеток на 5 век. Големо изненадување за нас беше тоа што, освен што откривме геометриски мотиви во сликарството на најстарата црква, откривме и еден фрагмент од фреска на кој има сочувано претстава на рака на светител, вели Ѓорѓиевски.

 

 

Иако се работи за мал фрагмент, додава тој, истиот недвосмислено кажува дека во тој дел од црквата имало насликано фигура на светец. Тоа пак, вели, за тој период, било исклучително ретко.

– Фигуралните, односно човечките претстави во ранохристијанското сликарство се исклучително ретки. Кај нас, најсочувани такви претстави од овој период потекнуваат од крстилницата во Стоби, град кој бил еден од најважните и најголемите епископски центри во римска Македонија. Затоа, сознанието дека ранохристијанската црква откриена во селото Пчиња била украсена со претстави на светители, односно човечки фигури, претставува огромно изненадување за научната јавност, пред се, поради навидум тешкиот пристап на овој предел до главните патни комуникации (а со тоа и до цивилизациските текови), но и поради непостоење на вакви наоди во многу поголеми и позначајни ранохристијански црковни седишта во регионот и пошироко, појаснува Ѓорѓиевски.

Loading...

 

 

Во остатоците од црквата е пронајден престол во олтарот, што според археолозите, сугерира дека црквата веројатно имала повисок статус од што претпоставиле на почетокот на истражувањето.

– Фазите на нејзината обнова пак, кои се видливи како од внатрешната, така и од надворешната страна на градбата, зборуваат за долг временски интервал на нејзино функционирање и користење. Затоа, освен тоа што е важно целосно да ги истражиме најраните фази, исто толку е важно и да определиме до кој век таа била во употреба, вели тој.

Самиот локалитет е обвиткан во густа вегетација, а има и големо количесто камен во делот кој годинава го истражуваат археолозите, што пак ги условило да се фокусираат на многу мала квадратура, која била внимателно бирана, и ги довела до извонредни резултати.

– Се работеше во и околу новооткриената ранохристијанска црква на источниот раб на локалитетот. Во самата црква го ископувавме просторот во нејзиниот југоисточен агол. Тука пронајдовме остатоци на 4 последователни подни структури кои во текот на неколку векови ја покриле најстарата црква. Ѕидовите и подот на најстарата црква ги откривме во целиот источен дел на јужниот кораб на базиликата. Таму претходно беше евидентирана конструкција во која биле депонирани (оставени) скршени стаклени лампи од црковниот полиелеј, датирани во 5тиот век, додава археологот Ѓорѓиевски.

 

Loading...

 

И сето ова, кумановските археолози успеале да го истражат со скромни средства од 2.500 евра кои ги добиле од државата.

Но нивниот ентузијазам ги доведе до бесценети пронајдоци и истражувања, кои велат, ќе ги продолжат со задоволство и следната година, но за тоа мора да им се обезбедат соодветни финансии од Министерството за култура.

Никола Ивановски