Кумановци реагираат дека со денови немаат струја, ЕВН негира

Сподели со своите пријатели

Неколку дена жителите на улиците „Страшко Симонов“ и „Благој Илиев Гуне“ во Куманово се без струја, па одлучија својот револт да ги изразат преку медиумите.

Како што велат околу 70 семејства 15 дена по ред се соочуваат со проблеми со струјата, а ЕВН постојано работи на дефектите и никако да ги отстрани.

– Од среда навечер немаме струја до денеска никако струја нема а пред тоа имаше осум денови како немаше тогаш кебел се менуваше и сега пак дојдоа да копаат кој знае до кога ќе нема. Над 70 станови семејства без струја речиси вкупно 15 денови и минатиот пат и сега, многу пати се случуваше да нема постојано велат кабел нема. Одиме по соседи на друго место, јас синоќа бев на гости до 12 часот, знаете како е ладно, има семејства со мали деца, ние сме големи, но срамота е денес да немаме струја, вели Ванчо  Андевски жител на една од улиците.

Како што велат редовно ги подмируваат своите обврски кон ЕВН, но тие слабо им изглегуваат во пресрет.

– Нашите кабли стари по 50 години, кога луѓето немале силни потрошувачки кабли се ставени, тие сега се тенки, не можат да го издржат ова оптеретување често прегоруваат, имаме проблеми со струја. Маки мачиме со немање на струја, можеби ќе се реши но овој проблем не е од денеска трае со години, затоа што не соодејствуваат каблите кои се поставени, вели Благоја Груевски.

Според жителите сите храната во фрижидерите им е расипана, телевизорите прегорени, како и се што останало на електричен погон.

– Имам две мали деца, болни се морав кај сестра ми да одам, бидејќи немаа греење, светло. Од евн се јавуваме прашуваме цело време ни зборуваат ќе се среди, никако не се средува, работат и денес но не е сигурно дали и денес ќе биде, ќе закрпат нешто што го прават го наместат имаме 10 минути потоа ја снема ги чекаме полно време. Кој како може се снаоѓа купуваат шпорети на дрва, внесуваат на плин се грејат, кој како може се снаоѓа кој не оди по роднини, пријатели, да се грејат,  вели Игор Димовски.

Според жителите од овие две улици од 20 до 26 јануари немало ниту една фаза, а од онаа електрична енергија која ја добивале во текот на ноќта им прегореле телевизорите.

– Едниот изгуби боја, другиот прегоре, лани исто така термо ми се уништи, јас никаде не пријавував, но што е ова. Има луѓе со бебиња на што ќе се греаат, домашните апарати постојано да се одмрзнуваат, кој ќе ни ја плати на нас оваа штета, изјави Даниела Цветковска, жителка на една од улиците.

Од ЕВН велат дека екипите на „Електромонт“ и „ЕВН“ постојано се на терен и работат во зимски услови кога има проблеми со нисконапонската мрежа.

Според портпаролот на ЕВН, Атанас Ковачевски, екипите излегуваат на терен секаде каде што ќе бидат пријавени дефекти. За посочените локации вели дека не е точно дека три дена се без електрична енергија.

– Точно е дека пред три дена е настанат првиот дефект или прекин во снабдувањето со оштетување на еден од подземните кабли во напонската мрежа, сите корисници за да можат да добијат побрзо електрична енергија се префрлени на друга напојна точка, најдена е солуција да можат непречено да се снабдуваат, бидејќи се ниски темепратурите и корисниците ги затоплуваат домовите користејќи електрична енергија таа врска е преоптоварена и по некое  време настнал и таму дефект. Од денеска со мерна кола е лоциран во подземниот кабел дефектот. Напревен е ископ на земјиштето и сега се приврзуваат врските за да може да се постави нормално снабдување со електрична енергија, вели Ковачевски.

Според ЕВН нормализирање на снабдувањето се очекува до крајот на денот.

Leave a Reply