КСС бара средба со Владата, во спротивно најавува радикални синдикални мерки

Сподели со своите пријатели

Доколку до 15 март Владата на РМ не ги повика претставниците на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) на разговори за нивните барања оттаму најавуваат преземање на радикални синдикални мерки.

Од КСС, меѓудругото, бараат, како што велат, да престанат притисоците врз вработените во јавниот сектор и врз синдикалните претставници, да почне усогласување на платите во јавниот сектор согласно зголемувањето на минималната плата од октомври 2017 година, како и да почнат преговори за зголемување на платите во јавниот сектор без дискриминација на одредени дејности.

– Наместо договор за нашите легитимни барања, иако помина еден месец од протестот пред чие оддржување бевме повикани во Владата, повторно следеше игнорирање, молк, што се преточува и надолу на локално ниво, со нефункционирање на социјалниот дијалог и партнерство, рече на денешната прес-конференција претседателот на КСС Благоја Ралповски.

Додаде дека бараат и преговори за измена и дополнување на Општиот колективен договор за јавниот сектор со цел подигнување на работничките права во делот на минатиот труд, правото на регрес за годишен одмор и породилно отсуство, но и  усогласување на барањата за платите во јавниот сектор меѓу репрезентативните синдикати и Владата, пред секое планирање на Буџетот на Р. Македонија.

Вели дека наместо конструктивен и унапреден социјален дијалог, различни невладини организации, а, како што рече, всушност владини, како пробен балон пробуваат да го „наместат“ јавно мислење за намалување на работничките права.

– Сведоци сме дека се говори за зголемување на старосната граница за пензионирање, нестручна и превработена администрација со потреба од отпуштање на голем број работници, а сведоци сме и за голем број нови вработувања во јавен сектор, трансфер од јавен во приватен сектор, за технолошки вишоци во одредени дејности… Сега кажуваме стоп за кршење на законите, на колективните договори, за неконструктивен социјален дијалог, стоп за понижување на јавната администрација, притисоците и за уништување на синдикалното движење, рече Ралповски.

За тоа какви радикални синдикални мерки ќе бидат преземени, потенцира тој, ќе биде одлучено во теката на КСС. /МИА


Leave a Reply