Ќе ќарат ли кумановските хотелиери од Супер купот?

Сподели со своите пријатели

Угостителите од Скопје ги зголемија цените во пресрет на фудбалскиот Супер куп кој следниот месец ќе се одржи во Македонија. Капацитетите се исполнети, но и скапи. Како алтернатива за странските гости кои ќе дојдат може да им биде Куманово, кое има далеку пониски цени, а и капацитетите се уште се слободни.

Кумановските хотелиери, засега немаат резервации по повод овој настан. Како што вели Светислав Стојановски, сопственикот на Хотел Лав, градот нема многу големи сместувачки капацитети, но и условите се далеку под оние од главниот град.

За жал ние не можеме да се пофалиме со тој дел за сместување затоа што имаме некои мали хотелчиња по десетина соби, затоа што Куманово стана транзитен град. Некој кога ќе дојде, веднаш оди во Скопје, поради подобри услови, подобар престој имаат, имаат можност и за сместување и други забави. Не гуши Скопје, а и тука не сме многу организирани. Капацитетот ни е толку мал, а и не гледам младиве што може некоја забава да им се понуди на тие странци. Ние сме прочуени да направиме зло, отколку нешто подобро, но за странците секогаш вратите им се отворени и сме гостопримливи во тој дел – вели Стојановски.

Според  Стојановски, енормното покачување на цените за престој во главниот град, кој за две ноќевања достигнува и цени од 2.000 евра е неоправдано, но секако треба да се искористи можноста од ваквиот спортски настан.

Ова е сега празник, почит кон Македонија, што за 50 години вакво нешто не се случило и треба со душа и задоволство да ги пречекаме и да им покажеме која е Македонија, дека сме прочуени по тоа. Ова не ни значи многу, некоја пара или економски дел, ова е промоција на нашата држава, реткост и голем празник што вакво нешто го имаме добиено – додава Стојановски.

Само околу 200 легла имаат на располагање кумановските угостители, но се надеваат дека покрај Супер купот дел од нивните понуди ќе бидат искористени.

Хотелот „Лав“ располага со 8 соби, вкупно 20 сместувања, со еднокреветни, двокреветни, трокреветни и четворокреветни соби, со појадок, ручек и вечера, се зависи со клиентите како ќе се договориме. Имаме многу пријатели, другари, хотелиери во Скопје и се надеваме дека тие што не можат да ги примат ќе свртат број и да ги сместиме тука, така да се надеваме дека и ние еден дел од тие навивачи ќе бидат дел од нашиот хотел – изјави Дејан Стојковски, менаџер на Хотел „Лав“.

Во споредба со сместувањето, цените на билетите се двиат од 15 до 50 евра по лице. Поради големата заинтересираност се нарачуваат преку интернет страницата на УЕФА, која за македонската публика одвои 10.000 места од „Телеком Арената“ каде на 8 август ќе се сретнат двата најголеми фудбалски клубови, „Манчестер јунајтед“ и „Реал Мадрид“.